Паѓа продажбата и закупот на недвижности во Македонија, покажува последниот извештај на Катастарот. Во првите три месеци од годинава регистрирани се вкупно 7.757 трансакции, односно купопродажби и закупи на недвижности, што е за 16,4 отсто помалку од последниот квартал во 2025 година. Гледано по категории, во делот на купопродажби, каде се регистрирани вкупно 5,174 трансакции, има пад од 16,9 отсто додека во делот на закупот, падот е 15,4 проценти со регистрирани 2.583 договори за закуп.
Во првите три месеци најмногу се купувало земјоделско земјиште и шуми или вкупно 35 отсто од трансакции, а веднаш зад нив се становите со 31 процент. Според податоците на катастарот, во моментов во изградба во Македонија се 28.000 станови, а во првиот квартал се продадени 712 станови, што е речиси за 30 проценти помалку од последните три месеци во минатата година.
Најмногу трансакции имало во Општина Центар, а потоа следуваат Аеродром, Карпош и Кисела Вода. Надвор до Скопје, најголем број на купопродажби и закуп на недвижности има во Битола и во Штип, по 330. Најмалку има во Центар Жупа – пет, во Арачиново – четири и во Вевчани, каде во првите три месеци има само една трансакција. Но, ако се гледа само по продадени станови убедливо води Општина Аеродром со 193 продадени станбени единици.
Во првиот квартал се потрошени 17 милијарди денари или 275 милиони евра се за купопродажба на недвижности и со овие средства се купени вкупно 7,5 милиони квадрати недвижен имот, додека 70 милиони денари се потрошени за закуп на недвижности.
Најскап метар квадратен, очекувано е во Општина Центар каде просечната цена е 100.000 денари, а највисоката 174.000 денари, а веднаш потоа се општините Аеродром и Кисела Вода. Надвор од Скопје, најскап квадрат се продава во Охрид, каде во просек чини 72.000 денари.
Рекордна цена на квадрат е постигната при продажба на стан од 45 квадрати во Кисела Вода за која купувачот платил 130.000 евра или 177.000 денари за квадрат.
Според извештајот на катастар, најмногу купопродажби има во февруари – 1.527, а најмногу договори за закуп се склучени во месец март – 930.
Огнен Чанчаревиќ
