Вести Македонија Топ вести

„Набрзо ќе има избори“ – најава од Илинденска бр. 2 или погрешно толкување?

Додека се очекува најавената реконструкција на Владата која треба да се случи кон крајот на мај или во јуни, од Илинденска број 2 стигнуваат изјави кои отвораат нови дилеми.

Премиерот Мицкоски досега повеќепати ја отфрли можноста за предвремени избори, со порака дека парламентарните ќе се одржат во редовниот термин во 2028 година. Сепак, дел од јавноста ја протолкува денешната изјава на претседателот на Владата како најава за предвремени избори и го отвори прашањето – дали сепак власта размислува за парламентарни и пред редовниот термин?!

Мицкоски денеска напомена дека „набрзо ќе има избори“, во одговор на прашање за опозицијата и обвинувањата кои стигнуваат за односите со Бугарија и блокадата на евроинтегративниот пат.

„Јас жалам што тие повторно одлучија да коленичат на туѓите интереси наместо да застанат рамо до рамо со Владата, во одбрана на националните интереси. Но, добрата вест е што набргу ќе има избори и после тие избори ќе се случи партијата којашто тој ја предводи да се маргинализира. Јас се надевам дека и тој и таквите како него засекогаш ќе исчезнат од политиката и ќе дојдат луѓе коишто си ја сакаат, си ја љубат татковината, коишто се вистински патриоти и коишто ќе се борат за оваа држава заедно со оваа Влада и со мене“, изјави денеска премиерот Мицкоски. 

Од Владата за Телма појаснуваат дека во изјавата премиерот не зборувал за предвремени избори туку за првите наредни избори. А, лидерот на опозицијата тврди дека се подготвени за изборна трка, кога и да се одржи истата.

„Ја слушнав изјавата и претпоставувам дека станува збор за парламентарни избори затоа што снемува пари и веќе не можат да делат пари за партиски тендери на блиски луѓе околу него. И немаат што да прават сега. Ние сме спремни за избори кога и да се случат. И ќе ставиме крај на оваа власт, затоа што е криминална, најкорумпирана во целата Европа и затоа што е антинародна и антинационална“, кажа Венко Филипче, претседател на СДСМ. 

Во иста линија со појаснувањето од Владата дека во својата изјава премиерот Мицкоски зборувал за првите наредни редовни избори е и вечерашната изјава на лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски. Тој во гостување на Топ Тема на Телма, кажа дека во рамките на коалицијата не е отворено ова прашање и дека не верува годинава дека ќе се оди на избори.

„Јас не очекувам избори оваа година, но ако ги има ЗНАМ ќе биде подготвен да учествува бидејќи како нов политички субјект којшто поминува една фаза на ферментација и политичко зреење, нас нѝ одговара да има избори за да се проверуваме во континуитет, кај сме, што сме и какви сме во очите на граѓаните. Не е разговарано на оваа тема во коалицијата, сепак тоа е до мнозинството во Собранието. Мнозинството го држи ВМРО-ДПМНЕ, тие имаат 58 пратеници и во секој момент можат да повикаат на предвремени избори. Доколку ги има ние сме тука, ќе земеме учество“, рече Максим Димитриевски, претседател на Движење ЗНАМ. 

Во албанскиот блок партии, од ДУИ во контиунитет бараат да се оди на предвремени парламентарни, со реториката дека владиниот коалициски партнер Вреди нема легитимитет да биде дел од власта.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

СДСМ: Институциите да го истражат скандалот со бугарската фирма на Јанушев

Дејан Дејан

Сенатoт побара од Трамп да ја запре војната во Иран, тој одговори: одлуката е безначајна и лошо темпирана

Дејан Дејан

Вечерва ќе се запали фестивалскиот оган – почнуваат Струшките вечери на поезијата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе