Работата и работните односи се најподложни на дискриминација, покажува годишниот извештај на Комисијата за заштита од дискриминација. Педесет и два проценти од претставките што лани ги добиле се во оваа област и тоа во јавниот сектор.
Во 22 проценти од нив, утврдена основа за дискриминација е етничката припадност. На второ место е политичкото уверување, каде процентот е зголемен од 11 на 18. Следи општествениот статус, образованието, полот, здравствената состојба, попреченоста и возраста.
Од Комисијата покренале голем број на кампањи за препознавање на дискриминација, особено за младите, со цел да актуелизираат прашања на кои треба да се обрне внимание, како и против супстандардното домување, затоа што превенцијата за нив е најважна, но голем проблем им е недостигот на кадар.
- Имавме одобрен план, но согласноста се врати со негативен одговор, во одделението за превенција имаме само еден вработен, што е малку за посериозна работа на подигнување на свеста, изјави Душан Томиќ, претседател на Комисија за заштита од дискриминација.
Од владејачкото мнозинство се согласија дека оваа Комисија е се позрел и поважен механизам и треба да им се излезе во пресрет на барањата, додека од опозицијата изразија загриженост и за нивните финансии.
- Загрижува и тоа што од 60 милиони денари што сте ги побарале, a одобрени се само 37 милиони, што е многу малку за да преземата повеќе активности, рече Јованка Тренчевска, пратеничка од СДСМ.
Од 559 предмети, комисијата постапила по 359, од кои 58 проценти биле отфрлени поради неуредност или законска неможност да се постапи. Во 37 проценти од случаите е утврдена дискриминација.
Далиборка Демјанска
Б.С.
