Извештајот за напредокот на Македонија, подготвен од известувачот на Европскиот парламент Томас Вајц, беше претставен пред европратениците без дебата и забелешки по неговото излагање.
Вајц порача дека Европската Унија не бара усогласување на историските учебници ниту оспорување на националните идентитети како услов за европска интеграција. Според него, меѓусебното почитување меѓу соседните држави е темел на соработката и добрососедските односи.
Тој нагласи дека никој не треба да го доведува во прашање идентитетот на соседниот народ и оцени дека ЕУ има обврска активно да го поддржува дијалогот и градењето доверба меѓу Северна Македонија и Бугарија.
„Она што не е дел од европското законодавство се 100% идентични историски учебници, дури и по 80 години од австриската историја по Втората светска војна . Ова не е нешто што се обидуваме да го постигнеме или што сме го постигнале со нашите соседни држави. Јас никогаш не би се осмелил да го доведам во прашање идентитетот на мојата соседна земја. Никогаш. Никогаш не би се осмелил да го доведам во прашање бугарскиот идентитет само затоа што сте биле 500 години под отоманска власт. Ова меѓусебно прифаќање помеѓу соседите е темел на соработката. И она што сè уште сакам да го кажам е дека, исто така, на нас тука, во Европската Унија, е да ја поддржиме платформата, да го поддржиме дијалогот, да ја вратиме довербата, да помогнеме со мали чекори за повторно да се изградат добрите билатерални односи — во овој случај помеѓу Бугарија и Северна Македонија, но тоа е случај за целиот регион“, изјави Вајц.
Дополнително, Вајц изјави и дека Унијата треба да обезбеди дополнителна поддршка и ресурси за процесите на помирување и зајакнување на добрососедските односи на Западен Балкан.
