По тринаесет години континуирани активности и вложени над 500 илјади евра во реставрацијата на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, процесот во моментов е запрен поради нерешени имотно-правни прашања. Дел од храмот граничи со приватна парцела, што го оневозможува поставувањето на настрешница, која ќе го заштити надворешниот фрескоживопис.
-Корисно е да се постави трајна заштита со настрешница, кои се од привремен карактер. Ќе ја исполнуваат својата функција, максимална заштита на фреските од дожд и сонце“, посочува Оливера Макриевска, конзерватор советник.
Сопствениците на соседната парцела се во странство, а експропријација досега не е спроведена и токму тоа го кочи проектот. Министерот за култура, Зоран Љутков, кој денеска ја посети Преспа, вели дека се бара решение, но без конкретен рок за продолжување на реконструкцијата.
-Во моментов се соочуваме со предизвици поврзани со поставувањето на настрешницата, која треба да го заштити фасадното сликарство. Остваривме разговори со директорката на Завод и музеј, со стручните тимови, како и со директорката на Управата за заштита на културното наследство. Си поставивме задача овој проблем да се реши во најкраток можен рок, а поддршка ќе даде и Општина Ресен, со цел активностите да продолжат“, изјави Зоран Љутков, министер за култура
Конзерваторските работи започнаа во 2013 година. Досега е завршена заштитата на фреските во внатрешноста на црквата, а подготвен е и проект за фасадата. На реставрацијата работеа експерти од битолскиот Завод и музеј и од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун. Но, засега останува неизвесно кога ќе продолжат работите.
Црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, бисер од 12 век, е позната по фреската на Архангел Гаврил – „Ангелот од Курбиново“, едно од најзначајните дела на средновековното сликарство.
Емилија Мисирлиевски
