На одделенијата за анестезија и интензивна нега, каде што се лекуваат најкритичните пациенти, недостигот на медицински сестри станува се поалармантен. Голем број пациенти, многу операции, а малку кадар-ваква е состојбата во македонското јавно здравство. Една сестра наместо за еден пациент, се грижи за пет.
- „Треба да има една медицинска сестра на еден пациент, но во реалноста има четири до пет пациенти на една медицинска сестра. Тоа е загрижувачки бидејќи се работи за пациенти кои се под 24 часовен мониторинг. Треба да најдеме решение да имаме повеќе сестри“, изјави Јулијана Казанџиска, претседател на здружението МЗМСАРИН.
Токму ваквите услови ги тераат медицинските сестри да заминуваат во странство, каде добиваат подобри услови и повисоки примања.
- „Јас можам да кажам дека има недостаток на медицински сестри кои работат на одделите за анестезија и интензивна нега. Бројот секојдневно е се помал. Состојбата е загрижувачка. Ова мора да биде аларм за нашите институции бидејќи се работи за одделенија кои се грижат за најкритичните пациенти, а бројот е се помал. Медицинските сестри го напуштат работното место од причина што се помалку се вреднувани, се помалку се платени, а премногу оптоварени“, додаде Казанџиска.
Здруженијата на медицински сестри велат дека за овој проблем со години алармираат до надлежните институции, но засега без конкретни резултати. Бараат итни вработувања и системски решенија.
Од Министерството за здравство, пак, како привремена мерка најавуваат законско решение со кое пензионирани доктори и медицински сестри ќе можат да продолжат со работа до 70 години. Законот е веќе во владина процедура.
Тамара Марковска
Б.С.
