Вести Македонија Најважни

Илјадници активни даночни обврзници вршат дејност без фискален уред – УЈП најавува засилени контроли

Управата за јавни приходи (УЈП) најавува засилени активности кон субјекти кои вршат дејност и остваруваат промет без регистриран фискален систем на опрема, како дел од напорите за сузбивање на неформалната економија и унапредување на фискалната дисциплина.

„Во дејностите трговија на големо и трговија на мало, дејности за подготовка на оброци и служење на храна, правни и сметководствени дејности, туристички агенции и организатори на патувања (туроператори), каде што претежно се врши промет на добра и услуги кон крајни купувачи со готовински плаќања, 6.451 даночен обврзник се деловно активни и имаат вработени лица, а воопшто немаат регистрирано фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања. Од нив, 3.115 субјекти се регистрирани и за целите на ДДВ, што дополнително укажува на вршење редовна деловна активност“, соопшти УЈП, согласно службената евиденција.

Од УЈП порачуваат дека активностите и контролите во првата фаза ќе бидат насочени токму кон тие активни субјекти, со цел нивно итно усогласување со законските обврски за евидентирање на готовинските плаќања.

„Дополнително, од страна на УЈП се детектирани уште 13.966 даночни обврзници во овие дејности без регистрирани фискални уреди, за кои ќе се спроведат теренски проверки, вкрстување на податоци и други контролни механизми, со цел да се утврди дали истите реално вршат деловна активност без да го пријавуваат прометот и без да пресметуваат и плаќаат даноци. Доколку се утврди дека субјектите вршат дејност, но не го пријавуваат прометот и не пресметуваат и плаќаат даноци, покрај прекршочни, ќе бидат покренати и соодветни кривични постапки согласно закон“, потенцира УЈП.

Согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања, секој даночен обврзник кој врши промет на добра и промет на услуги за кој плаќањето не се извршува по банкарски пат (готовински плаќања) е должен да воведе и користи одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања и задолжително да издава сметка за извршениот промет, односно услуга (фискална сметка). Во таа насока, даночните обврзници се должни: да воведат и користат фискален апарат или фискален систем на опрема, да го регистрираат истиот во Управата за јавни приходи пред започнување со вршење на промет и да издаваат фискална сметка за секоја извршена продажба на добра или услуги за која се врши готовинско плаќање.

Управата за јавни приходи укажува дека непостапувањето согласно законските одредби предвидени во Законот за регистрирање на готовинските плаќања претставува прекршок за кој се предвидени парични глоби и запечатување на трговски објекти согласно прекршочните одредби од законот.

„Ги повикуваме сите даночни обврзници кои вршат промет на добра и услуги со готовинско плаќање, а немаат воведено и регистрирано фискален систем на опрема, да преземат итни активности за доброволна усогласеност и да извршат набавка, инсталација и регистрација на фискален апарат преку овластен оператор и согласно постапката утврдена од Управата за јавни приходи. Ќе го следиме усогласувањето и ќе преземеме мерки во насока на целосно и задолжително исполнување на законските обврски. Борбата за сузбивање на сивата економија останува еден од нашите приоритети, а контролите за фискализација имаат за цел зголемување на довербата во даночната администрација, создавање ред во економијата и заштита на легалниот бизнис“, наведува УЈП.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Не за нова дозвола на Усје по стари правила“ – протест на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“

Sasko Dimovski

Данска ќе распореди војници на редовна воена служба на Гренланд

Sasko Dimovski

Ацевски: За една година 259 лица злоупотребиле 18,4 милиони денари од државата, дадовме препорака за издавање на решенија за поврат на средствата

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе