Finance Think го поддржува порастот на минималната плата за да го зачува животниот стандард на примателите.
Клучното прашање не е дали минималната плата треба да расте, туку со кое темпо и врз кои економски основи. Непропорционално и значајно зголемување на минималната плата и сите останати плати во економијата без паралелно зголемување на новосоздадената вредност крие неколку ризици.
Првиот ризик е притисокот врз цените. Инфлацијата во месец јануари се сведе на 3.2% на годишно ниво, што е забавување од декемвриската бројка од 4.1%, но сé уште над нивото на инфлација кое се смета за стабилно, и над нивото во Еврозоната од 1.7%, што е важна референца поради фиксниот курс на денарот во однос на еврото.
Упорната инфлација во Северна Македонија е резултат на повеќе фактори, подредени според нивната важност:
- Зголемениот доход во економијата, како последица на високиот реален раст на платите во последните неколку години, во најголема мера резултат на хроничниот недостиг од побарувана работна сила на пазарот на труд; како и последица на големиот пораст на пензискиот доход кој во релативно краток период изнесуваше над 30% од просечната пензија (Графикон 1).
Графикон 1 – Динамика на медијалниот доход во економијата

Извор: Сопствени пресметки врз основа на Анкета за приходи и услови на живеење од Државен завод за статистика.
- Особено во втората половина од 2025 и во овој момент, упорната инфлација во најголема мера е последица на притисокот што доаѓа од страната на потрошувачката. Платите – основниот вид доход во економијата – скоро долж целиот период растеа повеќе од растот на продуктивноста, така што во 2024 споредено со 2017, просечната плата е повисока за 79.9%, минималната плата за дури 88%, а продуктивноста за само 49.8% (сите показатели се номинален раст, Графикон 2). Ваквата дивергенција меѓу доходите и продуктивноста е макроекономски неодржлива и директно се преточува во ценовен притисок.
Графикон 2 – Продуктивноста на трудот и платите, годишен раст

Извор: ДЗС.
Целосниот текст можете да го прочитате на следниот линк
Б.С.
