Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, обвини дека неговите деца биле злоупотребени за политички притисок, откако на социјалните мрежи било објавено видео на кое се гледа како тој ги носи на училиште со службено возило. Видеото го објавила пратеничката Дафина Стојаноска, а во објавата пишува дека додека синдикатот бара пратениците да одат пеш, тој се вози со службен автомобил. Тој појасни дека возилото му е доделено службено, 24 часа на ден, и дека има право да го користи за своите потреби. Побара Собранието да го одземе имунитетот на пратеничката.
„Ако децата не ни се безбедни бидејќи бараме зголемување на работничките плати тогаш ние прашуваме кој е следен? Што планираат наредно да направат? Дали ова е закана по животот на нашите најблиски затоа што се бориме, а не им се молиме?“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Пратеничката Дафина Стојаноска на наше барање да го коментира случајот, само ни испрати порака со прашања до претседателот на ССМ, Трендафилов.
„Како дипломиран правник со минимален или никаков стаж (освен во ССМ), нека ги прочита Уставот и Деловникот на Собранието, па потоа нека се „раздава“ со одземање на мојот имунитет. Ако не разбере ништо од напишаното, можеби треба да се обрати до пратениците од политичката група на СДСМ?!“, пиша Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
Трендафилов настанот го пријавил во МВР, а пред медиумите се обрати и до премиерот.
„Нормален премиер наместо да дава изјава дека ова е само почеток со заканите ќе си дадеше оставка или најмалку ќе ја разрешеше Дафина. Нормална Влада за вакви работи паѓа“, додава Слободан Трендафилов, ССМ.
Од МВР ни одговорија дека случајот бил пријавен вчера во 17.30 часот во СВР Велес и дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Претседателот на ССМ потенцира дека нема да се откаже од барањата за минимална плата од 600 евра и зголемување на останатите плати за 100 евра. Тој најави дека утре во 12 часот ќе се одржи блокада пред Стопанската комора, а во некој од наредните викенди ќе биде организиран и голем работнички протест, на кој, како што рече, работниците ќе можат јавно да го искажат своето барање за повисоки плати.
Тамара Марковска
