Советник од Советот на Општина Кочани од редовите на ВМРО ДПМНЕ истовремено е директор на основно училиште, што според законот е неспоива функција, реагираа денеска од независната советничка група „Доста беше“ во Кочани.
Побарале и добиле официјален документ од Државната комисија за спречување на корупција, во кој јасно стои дека во ваквиот случај има судир на интереси.
Според кочанските советниците од независната листа „Доста беше“ по најголемата трагедија во земјата, во која згаснаа 63 млади луѓе, а околу 200 беа повредени, токму новата локална власт на Кочани треба да покаже капацитет и да ги почитува законите.
Претседателот на Советот на Општина Кочани и директор на училиште во Кочани, Александар Андов вели дека се уште нема добиено официјален документ, кога ќе го добие ќе постапи согласно одлуката и ќе ги почитува сите законски прописи и нормативи.
Инаку за вакво прекршување на Законот за спречување на корупција и судир на интереси се изрекува глоба д 300 до 500 евра во денарска против вредност.
Викторија Јованова
