Нема одлука од страна на општината за затворање на Општинското Основно училиште „Гоце Делчев“, во кое учат 580 ученици, а се вработени 80 наставници и технички кадар, тврди градоначалникот Штип, Иван Јорданов.
Но, се прават анализи за оптимизација на инфраструктурата. Една недела наставниците и родителите од ова училиште имаат состаноци, бидејќи се сподели информација за можно затварање на училиштето.
Штипскиот градоначалник вели за да реализира ова има две решенија едната е затварање на училиштето, учениците да се распордат во останатите училишта и наставниот кадар нема да остане без работа, а второто решение е бидејќи има вештачки паралелки низ сите училишта со минимален број на ученици да се намали бројот на паралелки во сите училишта, а со тоа да се намали и бројот на наставен кадар.
- Факт е дека во Општина Штип имаме вештачки паралелки, кои се со несоодветен број на ученици, односно под законскиот минимум. Стратегијата за оптимизација на ресурсите предвидува формулата за пресметка на блок дотациите кои Општина Штип ги добива од Министерството за образование и наука е да се пресметува платата и блок дотацијата по број на ученици, а не по број на паралелки, вели Јорданов.
Јорданов вели дека на 1 септември училиштата ќе се соочат со помал број на паралелки, но и мора да се донесе одлука и за вишокот на наставниот кадар.
Училиштето „Гоце Делчев“ има и пресудата за сегрегација. Проблем кој мора да се реши, со цел да не се продлабочува во иднина и државата и општината да се изложуваат на финансиски трошоци, кои треба да ги подмируваат по основ на пресуди донесени од меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.
Каква одлука ќе донесе Општина Штип ќе се знае до крајот на тековната учебна година.
Викторија Јованова
Б.С.
