Со многу куса расправа, со 76 гласа „за“ и 1 „против“, пратениците ги изгласаа измените на Кривичниот законик. Со нив се предвидени нови казни за злоупотребите на функционерите, повисоки од спорните измени од 2023 година, но пониски од старите одредби со кои максимална казна за злоупотребите при јавните набавки беше 20 години и застаруваа за 40. Сега максималната казна е до 10 години затвор и има поинаков опис на кривичното дело.
За пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, од чии редови и дојде предлог законот, со измени се исправа неправдата од претходната власт со која беа ублажени казните за корупција. За опозицијата ова се штетни измени за амнестирање на функционерите .
„Со ваквото законско решение имаме намалување на казните за злоупотреба на службената положба. Се декриминализацијата голем дел од делата поврзани со јавни набавки. За разлика од 2023 година, кога членот 353 предвидуваше поширок опсег за злоупотреба на јавни набавки. Сега со ова законско решение се предвидуваат само две законски основи за гонење на злоупотреби на јавни набавки“, смета Јована Мојсовска од Левица.
„Да ве потсетам како се измени во 2023 година. Со дополнување на дневен ред, без никаква најава, без консултација со експерти како што овој пат го направивме преку јавна расправа. Сите експерти дојдоа, си кажаа забелешки, дел се применија во законот. Тогаш со единствена измена да се амнестираат криминалците на СДСМ И ДУИ“, рече Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дополнително амнестираат одредени прекршувања на законот. Тоа е намерно направено. Тоа не е случајно. Ова е уште еден обид да се прикаже нешто како реформски закон а на мала врата се дозволуваат амнестии на актуелни функцонери“, истакна лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
За измените на корупциските дела на функционерите реагираа невладините. Побараа од пратениците во овој меѓу период до новиот КЗ да ги вратат старите одредби од Кривичниот законик од пред септември во 2023 година. Со низа конкретни забелешки, експертската јавност предупреди дека овие измени ја ослбуваат борбата со корупцијата и водат кон декриминализација на некои дела.
Со измените се прави и усогласување со проектот „Безбеден град“. Новина е „Одземање на моторно возило“. Се воведува и кривично дело „Злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудио записи или списи со сексуално-експлицитна содржина”, родово-базирано насилство, насилство врз жена или семејно насилство ќе се гони по службена должност.
Елена Ивановска Мукоска
