Вести Македонија Топ вести

Мицкоски на Светосавска академија: Кога соседите се почитуваат и културите се надополнуваат, се отвораат нови можности и хоризонти

Премиерот Христијан Мицкoски вечерва се обрати на свечената Светосавска академија, порачувајќи дека овој настан со својата духовна и културна димензија нè потсетува на трајните вредности што не поврзуваат.

„Денешниот ден посветен на светителот Сава ги истакнува просветата и духовното единство на српскиот народ, вклучително и на граѓаните кои живеат тука во Македонија, но во исто време е еден од камен темелниците на балканското духовно и културно наследство заедно со светлите ликови и датуми на останатите балкански народи“, објави премиерот Мицкоски.

Мицкоски додаде дека тие се нашата заедничка ризница и, посочи, „ние како генерација сме должни да ја негуваме меѓусебната почит и разбирање и на тој начин да ги продлабочуваме заедничките врски како народи“.

„Тука во Македонија со векови сме живееле токму така, како мозаик од различности, сме соработувале, сме се радувале на убавите работи, и сме тажеле заедно кога било тешко и заедно сме успевале да ги пребродиме сите предизвици. Доволно се делевме и спротивставувавме“, потенцира Мицкоски.

Премиерот нагласи дека кога соседите се почитуваат, кога културите се среќаваат и се надополнуваат, тогаш се отвораат нови можности и хоризонти за заеднички проекти, но и за трговија, за инвестиции, за млади кои учат еден за друг, еден од друг.

„Тоа е нашата иднина, иднината на регионот. Ние не сме осудени да живееме еден покрај друг, туку сме судбински врзани да работиме еден за друг, еден со друг, за подобро заедничко утре“, додаде премиерот во објавата.

На Светосавската свечена академија присуствуваа вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, заменик претседателот на Владата за политички систем Љупчо Димовски, Милош Вучевиќ, личен претставник на претседателот на Србија, вицепремиерката и министерка за економија Адријана Месаровиќ, српскиот министерот за култура Никола Селаковиќ, Ѓорѓе Миличевиќ, министер задолжен за координирање на активностите и мерките во областа на односите со Србите во регионот и дијаспората, и претседателот на Народното собрание на Република Српска, Ненад Стевандиќ.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Шасивари министер за правда, Сулејмани за култура – кои се предлозите на Влен за нови министри

Дејан Дејан

Македонскиот поп-пејач и композитор Владо Јаневски почина на 65-годишна возраст

Дејан Дејан

Од среда стапува на сила забраната за движење во шумите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе