Свлечиште предизвикано од поројните дождови урна дел од потпорен ѕид и оградата на штипската Клиничка болница. По што земја, камења од ѕидот и оградата поклопиле две паркирани возила со скопски и велешки регистерски таблички. Ката Крстевска од Велес која утринава со внукот дошла на преглед во штипската болница вели ќе го памети овој ден како свој втор роденден. Возилото го паркирале на улицата Љубен Иванов покрај оградата, само што тргнале кон влезот на болницата слушнале како нешто се урива.
- Го паркиравме возилото и само што ојдовме по угорницата, слушнавме тресок, но не се вративме да видиме. Си продолживме за на доктор. Тоа се случи околу 9.20 и кога се вративме има што да видиме..среќа, само да сме живи и здрав, вели Крстевска.
Обилните врнежи од дожд низ источниот регион се причина и за појава на одрони на магистралните и регионални патишта. Најкритично е од виничкото село Истибање – Македонска Каменица-Делчево, а неконтролирано камења паѓаат и по коловозите Берово-Струмица и кај Валандовско Брдо. Од Македонија пат апелираат внимателно да се вози на патиштата низ источниот регион.
- Моментално имаме две машини и повеќе возила што се на терен. Интезивно се чисти, меѓутоа одроните паѓат неконтролирано. И досега беше лошо, но сега е уште повеќе, поради обилните врнежи од дожд. Апел до возачите внимателно да возат, бидејќи при возењето може да им падне некој камен пред нив, вели Цоневски.
Водостоите на реката Брегалница и нејзините притоки во општините Пробиштип, Карбинци и Штип е зголемен, но нема опасност од нивно излевање од коритата. Во Чешиново-Облешево по поплавите минатиот месец исчистени се сите канали за наводнување и речните корита.
Викторија Димитровска Јованова
Б.С.
