СДСМ денеска објваи нова бомба- пирамидална мрежа на тендери и фирми која води директно до кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски и неговиот шеф, Владимир Нелоски.
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на денешната прес-конференција на АКТ појасни дека Оливера Доновска, сопруга на сопственикот на „Пирамид Билдинг Солушнс“, Петар Доновски, (фирма која добила 51 тендер од општини под контрола на ВМРО), е сопственичка и управителка и на трговската фирма со облека „ТРГО СТРОЈ“ ДОО Скопје, каде како содружник влегува таткото на шефот на кабинетот на премиерот Мицкоски.
- „По доаѓањето на власт на ВМРО, или точно на 11.04.2025 година, како содружник во фирмата ѝ се приклучува Јовица Нелоски. Кој е Јовица Нелоски? Татко на Владимир Нелоски, шеф на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски. Дали сега е јасно?“, посочи Димитријевиќ.
Ова е уште еден доказ дека тендерските шеми и фамилијарните фирми, освен што се партиски и фамилијарно поврзани, водат директно и до кабинетот на Мицкоски.
- „Во ВМРО секој функционер или негов роднина има фирма. А како што покажавме имаат и тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за фирма преку општини, 9 милиони евра за двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта. Нема пари за поголема минимална плата, нема пари за плати и за пензии, но има пари само за тендери. Антикорупцискиот тим на СДСМ ќе продолжи со објавување на нови факти и докази за тендерските шеми и криминалите на власта“, порача Димитријевиќ.
Владимир Нелоски со реакција
Tатко ми има право на приватен бизнис, а неговата компанија никогаш не учествувала на државни тендери, вели шефот на кабинетот на Премиерот Мицкоски, Владимир Нелоски на социјалните мрежи по обвинувањата кои утрово ги објави СДСМ.
- „Ја гледам онаа тирада на нечесни и валкани прес конференции на СДС партијата која е петта во градот Скопје и трета во државата. Тие изобилуваат со невистини, креирани информации и полу информации. Тие треба да го свртат вниманието од комплетното растројство и дезорентираност во просторот на раководството на СДС и Венко Филипче и тој пусти страв од одговорност која знаат дека ја имаат. Мојот татко е дел од спомената приватна фирма, која не учествува на државни тендери, ниту има добиено тендери. И на никаков начин не може да носи одлуки за државните пари.
Како и секој човек, па и мојот татко кој цел живот работи чесно во приватниот сектор има право да работи, а впрочем истиот со трговија започнал да се занимава уште пред осамостојувањето на Македонија.
Колегите од СДС треба да знаат дека со невистини, лаги и манипулации не се добива довербата така се губи и целосно паѓа сликата за партијата која денес е потопена со криминал и корупција, со лични интереси и фракции
И бидејќи сум чесен и искрен, а сметам дека тоа треба да е клучен принцип во политиката нека не поставуваат прашања од СДС туку нека ги изнесат информациите во потврдна форма за поднесам соодветна тужбена постапка за клевета пред надлежните органи.“ – пишува Нелоски.
