Под жестокиот притисок и протестите во американска јавност од бруталната егзекуција на еден млад маж од имиграциски агенти во Минеаполис, американскиот претседател, Доналд Трамп веќе почна да пивотира во обид да се извлече од скандалот кој дополнително го разгореа високи претставници на неговата администрација.
Во телефонска изјава за „Вол Стрит Џурнал“, Трамп најави целосна проверка на смртоносниот инцидент, кога поголема група федерални агенти го соборуваат на земја 37-годишниот медицински техничар, Алекс Прети и потоа го усмртуваат човекот со 10 куршуми истрелани во главата и телото.
По масовните протести во Минеаполис, кога десетици илјади луѓе демонстрираа на улиците и покрај поларните температури, Трамп најави и дека би можел да ги повлече агентите од градот, но одби да прецизира кога тоа ќе го направи.
Гувернерот на Минесота, Тим Волц предупреди дека Америка се наоѓа пред пресвртна точка и побара итно повлекување на над 3.000 агенти на анти-имиграциските федерални агенти од Минеаполис.
Изјавите на Трамп доаѓаат по серијата неуспешни обиди на високи членови на неговата администрација да го оправдаат второто убиство во Минеаполис на лице кое се противи на агресивното распоредување анти-имиграциски агенти во градот. Како и во случајот на Рене Гуд, и Прети беше опишан како домашен терорист и радикал. Но, фактот дека станува збор за човек кој работел во болница која се грижи за американските воени ветерани и бројните сведоштва на луѓе кои го познавале, целосно го демантираше ваквото објаснување.
Потоа се обидоа да се оправдаат со тврдењето дека немал право да дојде на протестот со пиштол. Но, Прети имал дозвола за носење оружје и во ниту еден момент не го извадил од футролата. Снимките од мобилните телефони јасно покажуваат дека тој е убиен дури откако агентите му го одзеле пиштолот.
Дури и моќното лоби на националната асоцијација за оружје, традиционалниот сојузник на републиканците, мораше да ги критикува десничарите во администрацијата на Трамп и да ги потсети на вториот амандман на американскиот устав, кој го дозволува поседувањето и носењето оружје, дури и на протести.
