Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) минатата година спроведе над 125 илјади инспекциски контроли во областа на безбедноста на храната, храната за животни и благосостојбата на животните.
Контролите опфатија домашен промет, производство, дистрибуција, угостителство, како и увоз и извоз, со посебен акцент на примената на хигиенските стандарди и „ХАСАП“ системот.
Во внатрешниот промет биле реализирани 47.200 контроли, при што биле издадени 5.406 решенија и изречени 1.073 прекршочни платни налози во вкупна вредност од 618.010 евра. Поднесени биле и 10 прекршочни и 8 кривични пријави, а како небезбедни биле одземени и уништени над 355 илјади килограми храна.
Дополнително, АХВ спроведе 78.016 контроли на увозни и транзитни пратки. Како небезбедни биле уништени и вратени повеќе пратки со храна од животинско и неживотинско потекло, со што, како што наведуваат од Агенцијата, се зајакнува заштитата на здравјето на граѓаните и безбедноста на пазарот.
