Американскиот претседател Доналд Трамп одеднаш се откажа од заканата за воведување на царини како инструмент за преземање на Гренланд, исклучи употреба на сила и порача дека на хоризонтот е договор кој би ставил крај на спорот за данската територија која ги ризикува најдлабокиот прекин на трансатлантските односи во изминатите децении.
На Светскиот економски форум во Давос тој ја ублажи реториката и најави договор кој би ја задоволил неговата желба за ракетниот систем за одрбана, т.н. „Златна купола“ и пристап до клучни минерали, а истовремено ќе бидат блокирани амбициите на Русија и на Кина на Арктикот.
„Тоа е договор со кој сите ќе бидат многу задоволни. Тоа е долгорочен договор. Тоа е конечен долгорочен договор. Става се во навистина добра позиција, што се однесува до безбедноста и минералите. Тоа е договор што ќе трае засекогаш“, изјави Трамп пред новинарите по средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Дел од можната рамка за Гренланд што ја најави Трамп вклучува и редифинирање на договорот од 1951 година со кој беше формализирано военото присуство на САД на островот, изјави извор запознат со темата за „Си-Ен-Ен“. Со тој договор меѓу САД и Данска е овозможено американско воено присуство на Гренланд на неодредено време. За време на Студената војна, на островот беа сместени над 10 воени објекти на САД од кои денеска е останат само еден. И покрај заканите на Трамп за преземање на Гренланд, Данска најави дека ќе поздрави дополнителни американски капацитети на островот.
Меѓу заговорниците за менување на американско-данскиот договор од 1951 година се вбројува и Марк Руте, генерален секретар на НАТО. Она што е нејасно е начинот на кој ќе се менува договорот, но Руте навести дека дел од идните преговори би можеле да се фокусираат на „осигурување дека Русија и Кина никогаш нема да стекнат упориште, ниту економско, ниту воено, на Гренланд“.
