Даночните контролори од УЈП, Драган Паунов и Дуле Димитриев, осомничени дека примале поткуп од синот на газдата на „Пулс“, Михајло Јованов и му дојавувале кога ќе има контроли, засега остануваат во куќен притвор. Кочанскиот суд ги одбил жалбита на обвинителството кое бараше да им се определи ефективен притвор и ги потврдил решенијата на судијата на претходна постапка. Зошто го одбија предлогот на обвинителството за притвор, а потоа и жалбата, конкретно образложение досега од судот не дадоа.
Од судот најавија дека до утре ќе има одлука и за жалбите на одбраната која, пак, побара да се укине и куќниот притвор и осомничените да се бранат од слобода.
Паунов е брат на Даниела Димовска, претседателката на Кривичен суд. Таа реагираше дека нема никаква поврзаност со предметот на нејзиниот брат.
Оваа истрага беше отворена минатата недела против 11-мина мегу кои сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов, неговиот син, даночни инспектори и контролори.
Утре во судницата во „Идризово“ продолжува судењето против 38-мина обвинети за пожарот во „Пулс“ во кој загинаа 63 млади луѓе и над 200 беа повредени.
