Вести Македонија Топ вести

(Галерија+Видео)Поплавени 50 куќи, меѓу кои и хотел под вода во Ресен по излевање на реките Болнска и Источка

Штетата допрва ќе се санира, откако обилните врнежи го погодија подрачјето на Општина Ресен каде се поплавени над 50 куќи, магацински простори и земјоделски површини. Населението е навремено евакуирано, нема повредени.

Локален жител за Телма вели дека ваква катастрофа ѝ не се нема случено на Преспа во последните 15 години. Според неговото раскажување дури една третина од Преспа била под вода.

Излеани се речните корита на Болнска и Источка река, во селата Царев Двор и Дрмени. Заборавена инфраструктура на селата дополнително ја влошува ситуацијата, каде луѓето имаат потешкотии да се движат во време на вакви кризни услови.

Косте, кој е сопственик на хотелот „Ројал Л“ во Царев Двор вели дека на неговиот објект поради поплавата е направена штета на 700 метри квадратни.

„Кај мене штетите се премногу големи. Деловен простор на 700 квадрати метри беше под вода. Водата беше метар и седумдесет. Машини и фрижири под вода, и струјата беше зафатена.  Во текот на вчерашниот ден службите донесоа два-три мотори кои ја црпеа водата. За жал не можеше ништо друго да се направи, само да се намали нивото на вода“, изјави Косте Љаљаковски, сопственик на хотел „Ројал Л“, во селото Царев Двор,Ресен.

 

Градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски за Телма вели дека ситуацијата е под контрола, и дека по санирање на штетите, општината ќе бара помош од Владата.

„Во овој момент да ја стабилизираме комплетно ситуацијата за не дај боже наредни врнежи да не можат да ни направат друга штета, а ќе се обратиме и до сите институции“ изјави градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски.

Поради тоа што поплавите со себе носат зарази и бактерии, од Агенцијата за храна и ветеринарство апелираат водата од чешмите да не се користи за пиење и готвење. Апел за водата има и од ЈКП „Пролетер“ поради нарушениот квалитет. Дополнително се препорачува,  храната од поплавените фрижидери и  замрзнувачи да се фрли, а овошјето и зеленчукот при консумирање да се измијат неколкупати, и по можност термички да се обработат.

Доколку во регионите каде веќе има излевање на реките и поплавување на домовите и земјоделските површини и водоснабдувањето се врши од индивидуални водоводни објекти, ако има видливо заматување на водата, истата да не се користи за пиење и за готвење, се до санирање на состојбата и до добивање на лабораториска потврда дека водата е безбедна. Редовно да се одржува хигиената на рацете, пред се по контактот со водата од поплавата или со предметите кои биле поплавени, по чистењето и пред подготовка на храна. Да се внимава и се заштити готовата храна за да не дојде во контакт со водата од поплавата или со отпадните води, соопштуваат од АХВ.

Поплавите во Преспанскиот Регион ги погодија и посевите и добитокот каде се направени значителни штети. Од Центарот за управување со кризи информираат дека екипи на јавни претпријатија и приватни фирми се на терен со 4 багери и 7 пумпи каде се црпи вода.

Пријавени се и поплавени домови и во Битола и Охрид, а во Прилеп се урна и кров на куќа. Нивото на реките Голема, Драгор и Црна е значително зголемено, со локални излевања и затворени патишта. Од УХМР за денес најавија променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, со услови за појава на невреме со грмежи и силен  ветер.

Теа Димковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ацевски: За една година 259 лица злоупотребиле 18,4 милиони денари од државата, дадовме препорака за издавање на решенија за поврат на средствата

Sasko Dimovski

Еден леб го фактурирале по 136 денари на студентски домови – Ацевски откри дел од извештај на ДЗР

Sasko Dimovski

Ацевски: Побаравме благородни метали за дентални услуги да бидат преземени од болницата во Прилеп и да се стават во депото на државата

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе