Вести Македонија Топ вести

Министер Алиу уверува: Повеќе ќе нема партиски, лични и телефонски влијанија за специјализации и вработувања

Нема веќе партиски, лични или телефонски влијанија во кадровските одлуки при доделување специјализации и вработувања, уверуваат од Министерството за здравсто (МЗ). Министерот го промовираше новиот електронски регистар на сите здравствени работници, кој ќе биде задолжителен при секое ново вработување. Регистерот покажува дека здравството има сериозен недостиг од кадар во клучни специјалности.

Најмалку вработени во јавниот и во приватниот сектор има во дијабетологија, детска кардиохирургија, адолесцентна психијатрија, испитување и контрола на лекови, лабораториска дијагностика, оториноларингологија, микробиологија и кардиоваскуларна хирургија. Од друга страна, најмногу се застапени општи стоматолози и лекари, фармацевти, фармацевтски техничари и гинеколози–акушери.

„Имаме голема бројка на доктори во области кои што се повеќе комерцијални да кажеме, а помалку имаме во профили кои што нѝ се неопходни во здравствениот систем, но немало интерес да продолжат понатаму. Веќе нема да биде така, бидејќи ние ги отвораме како МЗ слободни места за специјализации. Ве уверувам дека брзо ќе дојде тој период. Најверојатно за месец, месец и пол ќе видите дека сите слободни места што ќе ги отвориме, ќе бидат базирани на оваа табела, нема да бидат базирани на телефонски повик од типот сакам моето дете да биде ваков или таков доктор“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.

Преку регистарот се добиени точни бројки за секој здравствен профил во секоја општина. Анализата покажува дека и натаму недостигаат лекари и медицински сестри, а растот на кадарот во последните десет години е речиси незабележителен.

„Сега во моментот за жал имаме недоволна организација на здравствените капацитети. Има некои профили што ни се повеќе отколку што имаме потреба во државта и имаме профили во кои што недостасуваат и затоа тие профили кои што недостасуваат ќе бидат приоритет во иднина и исто така тие профили кои што веќе ги имаме по број а за жал тие се во една институција имаме повеќе во друга воопшто ги немаме или малце ќе правиме редистрибуција на човечките капацитети“, додаде Алиу.

Во државата има вкупно 3.779 здравствени установи. Вработени се над 32.000 луѓе од кои 18.500 илјади во јавниот, а речиси 14.000 во приватниот сектор. Податоците се собрани од повеќе институции: Централен регистар, Агенција за вработување, комори, Управа за Електронско Здравство, ФЗО и ќе служат за подобро планирање и распределба на здравствениот кадар.

Симона Петровска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ацевски: За една година 259 лица злоупотребиле 18,4 милиони денари од државата, дадовме препорака за издавање на решенија за поврат на средствата

Sasko Dimovski

Еден леб го фактурирале по 136 денари на студентски домови – Ацевски откри дел од извештај на ДЗР

Sasko Dimovski

Ацевски: Побаравме благородни метали за дентални услуги да бидат преземени од болницата во Прилеп и да се стават во депото на државата

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе