Загрижувачки податоци за зголемен број на млади пушачи во Македонија. За четири години за 10% е зголемена употребата на електронски цигари кои стануваат сè попопуларни кај новите генерации. Зависностите не се индивидуален неуспех, тие се јавно-здравствен проблем и ниту една институција не може сама да го реши овој проблем, затоа е потребно нивно координирано дејствување, рече д-р Здравески.
„Ако во 2019 година, 21% од адолесцентите употребиле електронски цигари, во 2024 година околу 30% од нив кажале дека во текот на животот имаат користено електронски цигари. Потребни се брзи и ефективни мерки со кои би го заштитиле здравјето на нашата младина, создавајќи средина што ги намалува ризиците и ја унапредува свеста и овозможува здрави избори за идните генерации“, изјави д-р Давид Здравески од ИЈЗ.
Во овој миг најважно е да постои систем кој навреме ќе препознава и превенира. Систем во кој ќе бидат вклучени и родителите и психолозите.
„Постојат системски пропусти кои дозволиле овие производи да бидат привлечни кај младите. Сето тоа нивно широко рекламирање во трговски центри, на билборди, на секаде, бидејќи сè уште не се целосно регулирани под Законот за заштита од пушење, со вкусовите, со боите со нивната лесна достапност и неконтрола на нивната продажба, па и нивно рекламирање по социјални мрежи. Секои од овие инфлуенсери, блогови што водат имаат спонзори од овие организации што го гледаат децата и се силно изложени на тоа“, смета д-р Мартин Петровски од ИЈЗ.
Според Петровски, во периодот што претстои се предвидени и измени на Законот со кој ќе бидат опфатени и овие производи. Важна е и соработката со училиштата, дополнителен проблем е што мал е бројот на млади кои се трудат да ги остават цигарите.
„Многу е тешко некој пушач да го откажеш од пушење. Јас конкретно работам во Советувалиштето за откажување од пушење што е во рамки на Институтот за јавно здравје и оние што се јавуваат се претежно возрасни, многу малку млади јавувачи имавме, дали еден или двајца малолетни јавувачи имавме што се активни пушачи“, додава д-р Петровски.
Децата стануваат многу побрзо зависни од никотинот. Да се подигне свеста и за податливоста на младите луѓе кон сите форми на кампањи, дури и во модната индустрија, вели Петровски кои имаат суптилна моќ да наметнат дека цигарите се нешто што е модерно и тоа најчесто во посиромашните земји каде свеста е на пониско ниво.
Според последните анализи, загрижувачки е податокот дека младите започнуваат да пушат веќе на 13-годишна возраст. Голем дел од децата кои пушат во своите семејства имале пушачи и најзагрижувачки е што некои родители дури и купуваат цигари за своите малолетни деца, заклучува Петровски.
Нина Стефанова
