Родителите многу често знаат да се потценат себеси неверувајќи колкаво е нивното влијание кај адолесцентите, велат психијатрите. Потребен е систем на поддршка кој не е само професионална задача, туку и општествена одговорност, беше забележано на меѓународната конференција „Зајакнување на семејствата: проширување на програмите за поддршка на деца, адолесценти и родители во Источна и Југоисточна Европа“.
Да се подигне свеста кај родителите за улогата и важноста која ја имаат во животот на нивните деца, затоа што тоа е континуиран процес и бара различен пристап. Семејството е првата и најважна зедница во животот на секое дете. Бројните истражувања покажаа дека е важно да се работи на создавање посилни, поотпорни и посреќни семејства во нашиот регион, затоа е важно да постои систем на поддршка на децата, на адолесцентите и нивните родители и тоа не е само професионална задача, туку општествена одговорност, вели психијатар Гајдаѕис Кнежевиќ.
- И навистина покажаа дека родителите за жал навистина се потценуваат себеси во однос на верувањето за значењето кај нивните деца. И кога ќе слушнет родител на адолесцент да каже „ние не сме му важни, баш му е гајле за нас“ тоа апсолутно не е точно. Ние и те како сме им многу важни. Прашањето е само како ние им приоѓаме, колку и ние се менуваме како се менува нивната возраст- прим. д-р Славица Гајдаѕис Кнежевиќ, Институт Алтернатива.
Нашата способност да бидеме најдобри родители секогаш ќе се темели на искуството кое сме го имале како деца, сите знаат дека да се биде родител е најубавото нешто, но во истовреме и најтешкото, забележа Лесли Милер.
- Интересен податок, не од Северна Македонија, туку од други земји дека кога ќе прашате адолесцент кои се главните причини за стрес и анксиозност најчесто ќе кажат родителите и релациите со нив, тоа се главните причини, но како и да е, кога ќе ги прашатe кому му се обраќаат кога се под стрес, имаат проблеми и грижи повторно ќе кажат родителите- Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.
Затоа е важно ваквата ситуација да биде појдовна точка на која секогаш ќе размислуваат родителите во пристапот кон нивните деца, забележа Кнежевиќ во рамки на меѓународната конференција ,,Зајакнување на семејствата: проширување на програмите за поддршка на деца, адолесценти и родители во Источна и Југоисточна Европа“.
Нина Стефанова
Б.С.
