Вести Економија Топ вести

Ќе прогледа ли „слепиот“ тунел на пругата кон Бугарија?

Од пруга која завршува во слепа улица до договор за реализација. По бројни натегања и меѓусебни обвинувања околу изградбата на железничкото поврзување на Македонија и Бугарија, министрите за транспорт на двете држави си подадоа рака за изградба на меѓуграничен железнички тунел кој треба заедно да го градат.

Железничката станица Ѓуешево од бугарска страна е точката каде денеска двајцата министри за транспорт го потпишаа договорот за изградба на заедничкиот тунел кој извесен период беше причина за меѓусебни обвинувања.

Министерот за транспорт на Бугарија, Гроздан Караџов со воз од Ќустендил стигна до Ѓуешево. Македонскиот министер Николоски од другата страна на станицата дојде со автомобил.

И покрај бројните препукувања, двајцата министри на крајот заклучија дека ова поврзување е многу значајно за нас, за регионот, за НАТО.

Но, за овој тунел допрва ќе се објавува тендер и сè уште нема точна цифра колку ќе чини. Парите ќе бидат од Европската комисија.

Од македонска страна, делот од Куманово до Бељаковце е готов. Од таму до Крива Паланка се работи, а допрва треба тендер за третиот дел од Крива Паланка до границата со Бугарија. Досега железничкото поврзување со источниот сосед чини 810 милиони евра, но без сумата за тунелот.

„Во однос на финансиите, најмалку зборувам, буџетот за изградба на пругата од Куманово до границата ќе биде 810 милиони евра, од кои 200 милиони евра се грант од ЕУ“, изјави министерот за транспорт и врски Александар Николоски.

„Без да имам прецизна бројка, бидејќи не се завршени сите понуди, над 1,2 милијарди евра ќе чини целата оваа инвестиција“, изјави бугарскиот министер Гроздан Караџов.

Бугарските медиуми упатија прашање до Николоски што се сменило и дали ги смета бугарските граѓани за нецивилизирани. Николоски одговори дека се тука за да зборуваат за инженерски, а не за политички проблеми.

„И минатата година, и оваа година, ние зборуваме за инженерски проблеми на проектот, а не за политички проблеми на проектот. Тоа што вие и ваши колеги сакавте да го направите политички проект, не успеавте и затоа сме денес тука“, изјави Николоски.

Претходно, министерот Николоски ја пријави Бугарија во ЕУ затоа што не сака да ја гради пругата, а премиерот Мицковски се изјасни дека нема да финансира пруга која завршува во слепа улица на половина тунел.

Потоа стигнуваа и изјави од двете страни дека парите предвидени за оваа пруга ќе се пренасочат за други проекти.

Инаку пругата кон Бугарија е децениски проект, од македонска страна почна да се гради пред околу една деценија.

Ирена Чачкова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Србија го екстрадира Саит Саитов кој во јануари усмрти жена во скопски Капиштец и избега од местото на настанот и од државата

Sasko Dimovski

Ти благодарам што истресе се од тебе – Тошковски кон Апасиев кој му ги посочи валканите партиски полицајци на расправата за неуспешната интерпелација

Sasko Dimovski

Еден активен, еден под контрола, седум изгаснати – денеска се регистрирани девет пожари

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе