Енергетската транзиција ќе биде побрза и целосна со помош на дигитализацијата а вештачката интелигенција, која ќе ја прави анализата на потрошувачката на енергија, ќе биде клучна алатка во креирањето на стратегии за развој на енергетскиот сектор и транзицијата кон обновливи извори во Македонија. Воведувањето на енергетската ефикасност на објектите како стандард е процес кој ќе чини и ќе трае но бенефитите ќе бидат многукратни за енергетскиот систем. Ова се дел од заклучоците на експертите на дискусиите во рамките на вториот ден на Глобалниот форум за одржлива енергија чиј домаќин е Македонија.
Дигитализација на енергетскиот сектор и начини за финансирање на воспоставување на систем за енергетска ефикасност се дел од темите на кои денес дискутираат експертите во рамките на форумот за енергетика кој се одржува во Скопје.
Дигитализацијата и енергетската транзиција се во корелација и има простор за напредок. Во Македонија засега се воведени системи за следење на процесите, интегрирано планирање на ресурсите како и развој платформа со дваесетина услуги за фирми и граѓани. Вештачката интелигенција како алатка во процесот на дигитализација ќе биде клучна.
Дигитализацијата има ист импакт кај сите држави во светот, смета Армен Григоријан од УНДП. Оваа организација работи на креирање на дата центар во друга држава каде што со помош на вештачката интелигенција ќе се следи производството и потрошувачката на енергија.
- „Количината на енергија што е потребна за еден дата центар е околу 3 проценти од вкупната потрошувачка на електрична енергија во државата. Можете да замислите кој е потенцијалниот импакт на овој центар. Мислам дека со дигитализацијата во сите сектори, но во контекст на енергетскиот сектор, она што го приоритизираме е сајбер безбедноста во енергетскиот сектор. Ова е нешто што УНДП се обидува да го направи и тука (Македонија) како и блок чеин технологиите“ – смета Армен Григоријан од УНДП.
Трансформацијата кон обновливи извори и енергетска ефикасност мора да биде во склад со економската моќ на населението. Во Македонија се уште не почнат процесот на преквалификација а во секторот доминантно е користењето на фосилни горива.
- „Не секогаш проблемот е пристап до обновливи извори на енергија туку прашањето е исплатливоста. Другиот елемент кој е битен во Северна Македонија е фактот што се уште сте зависни од фосилни горива. Како ќе ги преквалификувате луѓето кои работат во индустријата со фосилни горива за да може да бидат подготвени за новите работни места“ – Ријад Медеб, директор на Хаб за одржлива енергија УНДП.
Енергетската ефикасност на објектите во Македонија е на ниско ниво и тоа влијае на потрошувачката на струја.
На „Глобалниот форум за одржлива енергија“ се присутни над 400 гости од 70 држави во светот. Форумот ќе трае три дена и ќе финишира со потпишување на „Декларација Скопје“.
Огнен Чанчаревиќ
Б.С.
