Иако неколку нови лекови се најдоа на последната позитивна листа, онколошките пациенти и понатаму не ја добиваат целосната терапија што им е потребна. Од здружението „Хема-онко“ велат дека новата листа е чекор напред, но не е доволна за да се обезбеди континуиран и целосен третман за пациентите. Дел од терапиите се уште недостасуваат, а тоа создава неизвесност и страв кај болните. Предупредуваат и дека, покрај недостигот од лекови, сериозен проблем претставува и се помалиот број на медицински сестри во здравствениот систем.
„Понекогаш се две сестри на 100 пациенти, тоа е испод нивото во цела Европа, во целиот свет. Во други држави еве да речеме Словенија на пример што сакаме да се прилагодиме на тој здравствен систем, така ни е кажано од министерство, таму има една сестра на четири пациенти. Замислете ја разликата“, изјави Лидија Пецова од „Хема ОНКО“.
Во болниците, особено во онколошките оддели, работи премал број медицински сестри, што го отежнува процесот на лекување и ја намалува ефикасноста на здравствената заштита.
„Во овој момент од оние бројки кои што ги имаме од институтот за јавно здравје во Македонија има 9200 медицински сестри. Ако ја земете стандардната бројка на спрема бројот на жители недостатокот е околу 45% во овој момент. Меѓутоа може и да имате некои институции во кои е доволна бројката, меѓутоа имате во секундарното и терциерното здравство каде што се лежечките болни во стационарите сериозни дефицити како што се и овие во специјалните области каде што ни се пациентите од Онкологијата, Хематологијата и други“, рече Гордана Бешлиоска од Здружение на медицински сестри.
Од Министерството за здравство признаваат дека здравствениот систем се соочува со недостиг на кадар. Оттаму велат дека проблемот со онколошките пациенти ќе се решава со дисперзирање на третманите и отворање нови центри во Штип, во болницата „Осми септември“ во Скопје и во Битола.
„Како би можело што подостапно да им бидат услугите на онколошките пациенти, меѓутоа друг проблем е и што и на Клиниката на онкологија истото го посочија дека има недостиг на кадар, односно има недостиг на медицински сестри , акушери и болничари и дека нивниот број поради многу рааботи и тешките околности под кои се извршува работата мора да се работи на зголемување на кадарот“, изјави Весна Блажески Синадинова министерство за здравство.
Само оваа година во земјава се регистрирани 1.200 нови пациенти со рак на дојка, а бројката расте од година во година. Здружението Хема-Онко апелира на редовни превентивни прегледи, особено кај жените над 50 години и предупредува на важноста од водење здрав живот.
Симона Петровска
Дигитална обработка: T.Д.
