Не беше само Центар и Карпош, беше и Кисела Вода и Ѓорче Петров, сите општини вчера беа мобилизирани со помош на механизација од други општини, одговори Мирослав Лабудовиќ, кандидат на ЗНАМ за градоначалник на Општина Центар, во вечерашната „Топ тема“ на ТВ Телма за својството во кое го собираше сметот низ општината.
„И од Куманово и Митко Јанчев од Кавадарци, и мислам дека од Илинден и од Сопиште. Не беше само Куманово или Кавадарци. Кој можеше да помогне од другите општини, помогна. Јас сум кандидат за градоначалник на Општина Центар од ЗНАМ, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ. Но, и сум заменик министер во министерството за енергетика и сум член на владата. Имам полна морална одговорност пред граѓаните“, вели Лабудовиќ.
Тоа го дообјасни со случајот во Капиштец, каде дете во училиштен двор беше гризнато од стаорец.
„Се случи стаорец да гризне дете во една од центарските населби. И тоа е веќе аларм за мобилизирање и организирање на сите можни ресурси да помогнат во Скопје. Како што е во ситуација кога има пожар, не дај боже. Од сите градови се праќа оператива и логистика за помош на општина“, додаде Лабудовиќ.
Проблемот со собирање на сметот и чистење на градот го лоцирта кај „Комунална хигиена“.
„Секој политичар треба да го искористи својот авторитет и да помогне во спречување на проблемот, да се јави во даден момент, да не шират зарази, вакви работи со глодари, каде што може многу поопасно да биде. Овој проблем ескалираше“, изјави Лабудовиќ.
Покана за учество во вечерашната „Топ тема“ беше испратена и до актуелниот градоначалник на Општина Центар и кандидат за нов мандат од коалицијата предводена од СДСМ, Горан Герасимовски кој, сепак, го откажа настапот.
С.Д.
