На само неколку дена пред вториот круг на локалните избори, кандидатите за градоначалници и актуелни градоначалници во неколку скопски општини се растрчаа да го расчистат сметот во кој тоне главниот град со месеци наназад. Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со Мирослав Лабудовиќ, кандидатот за градоначалник на Центар од ЗНАМ, испратија фотографии и соопштение во кое посочуваат дека интензивно се вклучиле во чистењето на улиците во Скопје и Центар.
„Со логистичка поддршка во вид на механизација за чистење добиена од градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, неговиот колега од Кавадарци, Митко Јанчев, како и од неколку помали општини од скопскиот регион, Лабудовиќ и Ѓорѓиевски денеска уште од седум часот изутрина, празнично ги „светнаа“ поголемиот дел од улиците кои беа грдото наличје во централното градско подрачје. Ѓорѓиевски, како актуелен градоначалник на Кисела Вода го направи тоа и во својата општина“, се наведува во соопштението од ЗНАМ.
Се вклучи и актуелниот градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски и кандидат за втор мандат од редовите на СДСМ. Свика кризен штаб во општината. Донесоа одлуки да се постават помали контејнери за секојдневен и поголеми контејнери за кабаст отпад, угостителите своето ѓубре да го одлагаат на пунктови кои ќе бидат поставени од јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“, за време на викендот да спроведе итна дератизација и дезинфекција во училиштата и градинките.
„Општината врши вонредна дератизација. Во сите 1.980 шахти се фрла сертифициран препарат, но потребно е да се спроведе дератизација и во сите згради. Општината ќе организира средба со сите управители на згради и куќни совети, на секое домаќинство ќе му бидат доделени големи бесплатни ќеси за отпад кои добро се затвораат и потешко се кинат. Секој влез ќе биде задолжен да направи дератизација“, порача Горан Герасимовски градоначалник на општина Центар.
Дејан Митевски, в.д. градоначалник на Аеродром и кандидат за втор мандат од ВМРО-ДПМНЕ, пак, вели дека дневно собирале по 10 тони отпад кои потоа бил депониран во Дрисла. Побарал помош од неговите колеги од општините Зелениково, Илинден и Сопиште.
„Само во текот на вчерашниот ден депониравме повеќе од 100 тони отпад во депонијата Дрсла. Со ист интензитет продолжуваме и денеска и во текот на утрешниот ден. Ангажирани се и активирани сите служби, целокупните служби со кои располагаме се ставени во насока на менаџирање, односно собирање и транспортирање на отпадот за жал немаме никаква соработка со ЈП „Комунална Хигиена“ повторно и денеска немаат пуштено свои возила кои што ќе го одведуваат отпадот. Повеќе од десет машини за собирање на отпад се ангажирани од страна на општината и се надевам дека до петок, односно сабота дека ќе ја ставиме под контрола ситуацијата“, Дејан Митески, градоначалник на општина Аеродром.
Проблемот со сметот низ главниот град се провлекува со месеци. Во изборната камњата кандидатите за градоначлници на скопските општини беа критикувани од граѓаните за состојбата во која се наоѓа Скопје. Состојбите дополнително ескалираа по завршувањето на првиот круг, а здравстевните работници веќе се загрижени дека состојбата може да биде сериозна опасност по здравјето на луѓето и Скопје да стане жариште на опасни заразни болести.
Симона Петровска
