Адвокатската комора сè уште не го добила писмото на државниот јавен обвинител. Првиот човек на комората Љубомир Михајловски Џанго во изјава за Телма вели дека видел дел од преписката во медиумите, но вели дека комората чека официјален допис од Коцевски. Најавува дека „адвокатската комора ќе одговори на наводите но прво сака официјално да ја видиме целата содржина на документот“.
- Во врска со дописот од 10.10.2025 година на Јавниот обвинител на Република Северна
Македонија дека писмено ја известил Адвокатската комора на Република Северна
Македонија во врска со кривичниот предмет за пожарот во дискотеката Кочани, ја
информираме јавноста дека таков допис не е добиен во Адвокатската комора.
По приемот на дописoт, Комората ќе ги разгледа наводите и основаноста на истите во
дописот и за тоа ќе излезе со официјално соопштение и став. Отвореното писмо на обвинителот Љупчо Коцевски предизвика бурни реакции кај адвокатите, се вели во соопштението од Адвокатската комора.
Адвокатката Сузана Јошевска- Анастасовска, која беше директно спомената во писмото, реагираше преку социјалните мрежи, оценувајќи дека тоа претставува директен притисок врз слободата на говорот и професионалната независност на адвокатите.
- „Би сакала да го видам обвинителството со иста енергичност кога е нападнато од извршната власт, бидејќи тоа е прашање на институционален интегритет, а не на лична суета,“ напиша таа, додавајќи дека во своите јавни настапи секогаш јасно ја нагласувала улогата на бранител во конкретниот случај, а не на независен експерт.
Во писмото, пак, државниот јавен обвинител реагира на начинот на кој дел од адвокатите јавно го коментираат обвинението за пожарот во кочанското кабаре „Пулс“, наведувајќи дека со тоа ја доведуваат јавноста во заблуда и го нарушуваат угледот на институциите.
Коцевски оценува дека местото за соочување на доказите е судницата, а не јавниот простор, и потсетува дека адвокатите се должни да го чуваат угледот на судот и институциите пред кои се појавуваат.
