Џамија во британското гратче Писхевен синоќа била мета на подметнување на пожар додека во објектот се наоѓале две лица. Полицијата го истражува случајот како злосторство од омраза. Нападот е последен во низата насилни инциденти во политичко тензичното лето на Островот, кога беше забележан и зголемен број на исламофобни и антисемитски напади, објави „Си-Ен-Ен“.
Според управителот на џамијата, кој инсиститал на анонимност, две маскирани лица најпрво се обиделе насилно да ја отворат вратата, по што ги полеале скалите со бензин. Во моментите на нападот, две лица на возраст над 60 години пиеле чај во внатрешноста на џамијата.
Нема повредени во пожарот во кој, пак, е причинета значителна материјална штета. Нападот го осудија верниците, но и Џејмс МекКлери, претставник на либералните демократи за округот Ливес (Lewеs). Полицијата на Сасекс порача дека ќе ги засили патролите во тоа подрачје поради сигурност и во останатите верски објекти во округот.
