Тензиите растат, неизвесноста ескалира. Реакциите се панични, трговските партнери се збунети и во дилема што да направат. Тарифите што ги воведе Трамп продуцираат пад на берзанските индекси и раст на индексот на стравот. Америка влезе во трговска војна со целиот свет, сметаат економистите.
„Денот на ослободување“ на Трамп донесе пад на индустрискиот индекс Дау Џонс за 1.600 поени, што е најголем надолен тренд на американските берзи од 2020 година. Втор ден по ред паѓаат и европските берзански индекси, што дополнително го поттикна стравот од глобална рецесија. Трговската војна што ја вети, најави и започна новата американска администрација ја загрози светската економија, но и ги обремени децениските сојузи на САД во Европа и во Азија. Но, Трамп е уверен дека мерката ќе донесе резултати за Америка.
Обемните царини што ги објави американскиот претседател Доналд Трамп претставуваат значителен ризик за светската економија, изјави директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева. Таа апелира да се избегнуваат потези кои дополнително би можеле да ја влошат состојбата и повика на конструктивен дијалог на САД со нивните трговски партнери.
„Сѐ уште ја проценуваме макроекономската импликација на овие мерки, но тие очигледно претставуваат сериозна закана за глобалните економски перспективи во време кога растот е слаб“, порача Георгиева.
Глобалната трговија со децении се придржуваше до тарифните стапки, договорени меѓу САД и 122 други земји во текот на 80-тите и 90-тите години од минатиот век. Се до средата, кога Трамп ја потпиша извршната наредба за воведување на царини, велејќи дека други земји со години ги експлоатирале и „ограбувале“ Соединетите Амрикански Држави, што, според него, довело до намалување на нивната некогаш моќна производствена база.
Сашко Димовски