Фудбалската репрезентација на Нигерија не сака да го игра утрешниот натпревар против Либија на гостински терен по голготата што ја доживеаа на аеродромот во оваа африканска држава. Целата експедиција беше заробена на аеродромот без вода и храна повеќе од 13 часа.
Нигеријците вчера требаше да слетаат во Бенгази, но нивниот авион бил пренасочен кон Ал Абрак, кој е оддалечен 230 километри од првичната дестинација. Фудбалерите потоа останале заклучени на аеродромот и не им било дозволено да одат во хотел. Останале без храна и вода речиси 13 часа.
Голем дел од фудбалерите на Нигерија реагираа на социјалните мрежи дека ова е само игра на Либијците за да ги заплашат пред утрешниот натпревар во квалификациите за Африканскиот куп на нации.
По бурните реакции низ светската јавност, ситуацијта конечно се разреши и гостите беа пуштени да заминат од аеродромот. Нигерицјите сега немаат намера да излезат на терен во Бенгази и се подготвени да го загубат натпреварот со службен резултат.
Либијците демантираат дека имало валкани игри од нивна страна и дека проблемот настанал поради разните безбедносни протоколи во државата. Сепак, шпекулациите низ медиумите се дека ова е одмазда на Либија, бидејќи на нивното гостување во Нигерија минатата недела нивната репрезентација немала професионален дочек и исто така била приморана да чека на аеродром со часови.