Вести Економија Топ вести

Јавните претпријатија се бунар без дно за народните пари – за експертите тие се легла на партиски кадри

Има ли начин да се сопре трошењето на пари од граѓаните во претпријатија кои се бунар без дно? – Долгот на државните и јавни претпријатија за струја никако да се намали. Изнесува 30 милиони евра. Експертите велат дека е недозволиво со години да се фрлаат милиони, за да се покриваат нивните дупки, а ефектите да бидат нула.

Јавните и државните претпријатија никако да се ослободат од финансиските проблеми и долговите за струја. Според податоците, тој изнесува околу 30 милиони евра. Во топ должници се ЈП „Колекторски систем“ со 4,4 милиони евра, загубарот МЖ Транспорт со 4 милиони евра и ЈП „Водовод и канализација“ Струга со 2,5 милиони евра. Но, од ЕВН засега не ги коментираат овие бројки.

„Транспорт“, освен на ЕВН, му должи и на МЕПСО и ЕСМ. Државата одлучи повторно да го спасува, со нови над 15 милиони евра. Ќе се покриваат долгови за струја и ќе се враќаат позајмици кои ги добиваат од ЕСМ, за да поделат плати. Според податоците, во Железница годишно се префрлаат од 12 до 15 милиони евра. Освен во „Транспорт“, со буџетски пари се крпат дупки и на други институции. Експертите со остри критики за ваквото трошење на средствата од граѓаните. Велат, се фрлаат милиони за претпријатија кои се бунар без дно, работат недомаќински и се легла за партиски кадри.

„Тие пари не одат за модернизација, туку одат за придонеси и плати. Е тоа е кога вие губите смисла со реалноста, за да имате економски раст и развој во земјата. Не може вие да инвестирате во здравство, а да ви пропаѓа образование или во култура, а да ви пропаѓа земјоделството или треба да инвестирате во едно големо тело“, смета професорот Абил Бауш.

Според, Бауш низ годините се виде дека не знаеме да работиме со овие претпријатија и очигледно треба да се дадат друг да ги менаџира.

„Се виде дека партиските кадри немаат моќ да ги водат овие претпријатија, затоа што кај нив нема ниту отчетност, ниту одговорност и толку“, додава Бауш. 

Минатата година, според бројките, долгот за струја на институциите изнесуваше околу 40 милиони евра. Дел од нив, како Железница, неколку часа беше во мрак, Клинички центар за влакно се спаси од исклучување, а други добија последни опомени. Државата и тогаш префрли пари од буџетот за да се покрие дел од фактурите. Според експертите, или ќе се најде начин да се прекине оваа пракса или и натаму во извештаите на меѓународните институции ќе бидеме со критики за погрешно менаџирање со јавните пари.

Ирена Чачкова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Три тони кокаин на албанската мафија завршија во рацете на властите во Еквадор

Дејан Дејан

Уште еден „Марш за ангелите“ попладне во Кочани

Дејан Дејан

„Бајач“ од Трубарево измамил брачен пар од Берово за 400.000 евра

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе