Скандалите никако да го одминат фудбалскиот клуб Барселона, кој сега е во нови сериозни проблеми, кои можат да имаат големи последици. Шпанското обвинителство и официјално покрена случај за корупција против шпанскиот фудбалски гигант.
Барселона во периодот од 2016 до 2018 година исплатила 1,4 милиони евра на компанијата Даснил 95, во сопственост на Хозе Марија Енрикез Негреира, кој бил поранешен заменик претседател на судискиот комитет во Шпанската фудбалска федерација. На личната сметка на Негреира во периодот од 2001 до 2018 легнале исплати во вредност од 7 милиони евра од Барселона.
„Клубот имал строго доверлив вербален договор со Негреира за тој како заменик претседател на техничкиот судиски комитет и во замена за пари да презема насоки со цел да и помогне на Барселона во одлуките на судиите на фудбалските натпревари“, се вели во дел од обвинението против клубот.
Кога властите започнаа истрага против Барселона, клубот призна дека соработувал со Негреира и неговата компанија и го опиша како надворешен технички консултант за да се собираат информации за судиите на барање на стручните штабови во младинските категории и првиот тим.
Под обвинението за корупција, прекршување на довербата и лажни финансиски извештаи, освен Барселона и Негреира обвинети се и двајца поранешни претседатели на клубот Сандро Росел и Жозеп Мариа Бартомеу.
Актуелниот прв човек на клубот, Жоан Лапорта пред неколку денови изјави дека Барселона не е виновна за ништо и дека клубот никогаш не поткупувал судии.
Дел од шпанските медиуми најавуваат дека Барселона идната сезона би можела да биде санкционирана од УЕФА и исклучена од меѓународните натпреварувања како Лигата на шампиони.
