Филипче е подготвен да тргува со македонскиот идентитет за власт. Филипче нема црвени линии и молчи за нападите врз македонскиот идентитет само за да ја зачува фотелјата на Бихачка и да се добере до власт, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, Венко Филипче не го брани македонскиот национален интерес и идентитет туку сопствената политичка кариера.
„Венко Филипче секојдневно потврдува дека е подготвен да оди и подалеку од Зоран Заев во исполнувањето на барањата кои директно ги засегаат македонските национални интереси. Додека Бугарија продолжува да го негира македонскиот јазик, да ја фалсификува историјата и да го оспорува македонскиот идентитет, Филипче не гледа проблем во тоа. Наместо јасно и гласно да застане во одбрана на државните и националните позиции, тој ги релативизира навредите и ги минимизира заканите со кои се соочува Македонија. За Филипче нема црвени линии. Нема прашање кое не е подготвен да го отвори и нема национален интерес што нема да го жртвува ако процени дека така ќе добие поддршка од центрите на моќ кои со години вршат притисоци врз Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ставовите на Филипче не се ништо друго, додаваат од партијата, освен продолжение на политиките на СДС кои донесоа понижувања, отстапки и штета за македонските национални позиции.
