Пожарот меѓу штипските села Долани и Љуботен е под контрола. Командирот на Територијалната Противпожарна единица (ТППЕ)-Штип, Благој Ренџов вели дека утринава екипа на ТППЕ интервенирала на местата каде што се уште чади, односно има активен оган на опожарениот дел.
На терен се екипи, која што ќе дежура до 15 часот.
Пожарот во моментов е во дол, непристапен терен за пожарникарите. Околу 12 часот кога се зголемува температурата ќе видиме дали ќе има разгорување, рече Ренџов.
Според првичните проценки опожарени се од 20 до 30 хектари нискостебелеста вегетација и дел од борова шума. Инаку вчера во гаснењето на пожарот учествуваа 18 пожарникари, 14 доброволци пожарникари и жители на село Долани.
Дирекцијата за заштита и спасување вчера активираше и еден ер трактор, со што и од воздух се дејствуваше врз огнената стихија. Еден жител на селото е повреден, односно се здобил со изгореници на нозете, за што веднаш е хоспитализиран во Клиничка болница-Штип.
