Швајцарските граѓани в недела ќе гласаат на референдум за предлог со кој населението на земјата би се ограничило на најмногу 10 милиони жители до 2050 година, пренесува Би-Би-Си.
Иницијативата е поддржана од десничарската Швајцарска народна партија, која смета дека со ограничување на имиграцијата ќе се намали притисокот врз домувањето, јавните услуги и животната средина. Од друга страна, швајцарската влада, останатите големи партии, бизнис-заедницата и синдикатите предупредуваат дека мерката може да предизвика сериозен недостиг на работна сила и да ги наруши односите со Европската Унија.
Според Би-Би-Си, населението на Швајцарија пораснало од 7,3 милиони жители во 2002 година на 9,1 милиони денес, при што околу 27 проценти од жителите се странски државјани.
Предлогот предвидува Владата да преземе мерки штом бројот на жители достигне 9,5 милиони, а доколку се надмине границата од 10 милиони, Швајцарија би морала да ги преиспита меѓународните договори, вклучително и оние поврзани со слободното движење на луѓе со ЕУ. Последните анкети покажуваат неизвесен исход. Според истражувањата, околу 52 проценти од испитаниците се против иницијативата, 45 проценти ја поддржуваат, додека дел од гласачите сè уште се неопределени.
Поддржувачите тврдат дека земјата ја губи контролата врз имиграцијата и дека таа придонесува за недостиг на станови, сообраќаен метеж и оптоварување на јавните услуги. Противниците, пак, сметаат дека ограничувањето ќе ја ослаби економијата, која во голема мера зависи од странска работна сила, особено во здравството и туристичкиот сектор.
Дополнително, критичарите предупредуваат дека усвојувањето на иницијативата може да ја изолира Швајцарија од Европската Унија во време на зголемени геополитички и економски предизвици.
