Елон Маск стана првиот билионер во светот откако акциите на SpaceX почнаа да се тргуваат. Акциите на SpaceX, компанијата на Елон Маск, почнаа да се продаваат по цена од 150 долари непосредно пред пладне по источноамериканско време, а брзо се зголемија на 160 долари.
Претходно, компанијата собра 75 милијарди долари, поставувајќи нов рекорд за иницијална јавна понуда на акции (IPO), надминувајќи го претходниот рекорд на нафтениот гигант „Saudi Aramco“, кој изнесуваше 25,6 милијарди долари во 2019 година.
Маск контролира повеќе од 80% од гласачките права во компанијата за вселенски истражувања SpaceX, која гради ракети и инфраструктура што ја користи НАСА.
Но колку всушност изнесува еден трилион долари, колку што пазарот вели дека „вреди“ Елон Маск?
Еден трилион е илјада милијарди. Тоа е бројка со 1 проследена со 12 нули: 1.000.000.000.000.
Но како оваа незамислива сума се споредува со некои реални работи чија вредност ја знаеме?
За да се стави во контекст богатството на Маск – највредниот спортски тим во светот, Далас Каубојс, се проценува дека вредат околу 13 милијарди долари, а компанијата за превоз преку апликација УБЕР има пазарна вредност од околу 142 милијарди долари.
На просечен работник во САД би му биле потребни 16,3 милиони години за да заработи 1 трилион долари.
Дополнително, еден трилион долари е приближно еднаков на вредноста на целата економија на Швајцарија, или пак поголем и од бруто општествениот производ на Полска.
Маск има репутација на технолошки пионер кој ги поседува SpaceX и компанијата за електрични автомобили – Тесла.
Неговите обожаветели го опишуваат како „луд гениј“, иако неговото однесување, особено објавите на социјалните мрежи многу попрецизно го опишуваат како обичен „интернет-трол“.
Откако го купи Твитер и ребрендираше како X, Маск сè почесто ги изнесува своите ставови за американската политика, но и за другите земји.
Тој отворено промовира крајно десничарски политички ставови и целосно го поддржа Доналд Трамп во трката за неговиот втор мандат во 2024 година.
Ја предводеше и иницијативата која наводно требаше да ја зголеми ефикасноста на американската влада, пред да се разидат со Трамп и да се повлече од Белата Куќа.
