Вести Македонија Топ вести

Претседателката Сиљановска порача: Да се европеизираме преку Копенхашките критериуми, а не преку решавање историски спорови

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека евроинтегративниот процес на земјава треба да се темели на исполнување на Копенхашките критериуми, а не на решавање историски прашања кои, според неа, не се дел од темелните вредности и идентитетски принципи на Европската Унија.

„Оставете нѐ да се европеизираме на патот, да станеме компатибилни со она што го бараат Копенхашките критериуми. Не губејќи време на решавање историски прашања, бидејќи тие се исклучени од идентитетските и конститутивните акти на ЕУ“, изјави претседателката во интервју за МИА.

Осврнувајќи се на пораките што ги испрати од Бугарија за време на Самитот на шефови на држави и влади на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, Сиљановска-Давкова истакна дека проширувањето на Европската Унија мора да се заснова на европските вредности и на Копенхашките критериуми.

Таа потсети на членот 2 од Договорот за Европската Унија, кој предвидува почитување на човековото достоинство, слободата, еднаквоста, демократијата, владеењето на правото и човековите права, вклучително и правата на малцинствата.

„Исполнувањето на овие вредности не е само политички, туку и правен услов за членство во Европската Унија“, нагласи претседателката.

Според неа, особено значаен е членот 4 став 2 од Договорот за ЕУ, кој предвидува почитување на националниот и културниот идентитет, како и на фундаменталните политички и уставни структури на државите.

„Унијата ќе ја почитува еднаквоста на сите држави и нивниот национален и културен идентитет. Тоа е суштината на клаузулата за национален идентитет“, посочи Сиљановска-Давкова.

Таа оцени дека е нелогично овие принципи да важат само за земјите членки, а не и за државите кандидати. Во интервјуто претседателката се осврна и на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, истакнувајќи дека неговата суштина е заемна поддршка и искрена соработка.

„Основниот принцип е пријателство и добрососедство, а не непријателство и вето. Во преамбулата јасно стои дека соседот треба да помогне на патот кон Европската Унија и да ги сподели своите искуства“, рече таа.

Говорејќи за можните уставни измени, Сиљановска-Давкова нагласи дека конечната одлука мора да биде донесена во Собранието со двотретинско мнозинство, но и во согласност со волјата на граѓаните. Таа потсети дека македонскиот Устав досега е изменет 36 пати и оцени дека промените најчесто биле иницирани под влијание на меѓународниот фактор.

„Проблемот со нашето членство во Европската Унија не е Уставот. Тој веќе има 36 амандмани и многупати бил менуван. Потребно е да се почитува суверенитетот на граѓаните, бидејќи тој произлегува токму од нив“, истакна претседателката.

Сиљановска-Давкова додаде дека државите кандидати треба да се европеизираат преку усогласување со европските стандарди и вредности уште пред членството, со што ќе бидат подготвени за полноправно учество во Унијата.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Украдена биста од гробно место на градските гробишта Бутел

Tea Dimkovska

„Зелен хуман град“ предупредува декa најавените дата-центри може да донесат дополнително загадување преку согорување отпад

Tea Dimkovska

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче е на страната на бугарските барања за уставни измени, а ние на страната на македонските национални интереси

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе