Вести Македонија Топ вести

„Зелен хуман град“ предупредува декa најавените дата-центри може да донесат дополнително загадување преку согорување отпад

Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ изрази загриженост поради најавите за изградба на дата-центри во земјава, оценувајќи дека ваквите капацитети ќе имаат големи потреби од електрична енергија и вода.

Во реакција објавена на социјалните мрежи, од иницијативата се повикуваат на изјава на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, во која, според нив, како едно од можните решенија за обезбедување дополнителна електрична енергија било посочено производство преку согорување отпад, односно биомаса.

„Малку ни е што Цементара согорува отпад во своите производствени капацитети и го загадува Скопје, Владата планира дополнително производство на електрична енергија преку палење отпад за потребите на дата-центрите“, наведуваат од „Зелен хуман град“.

Од иницијативата тврдат дека при согорување биомаса се ослободуваат штетни материи како ПМ10 и ПМ2,5 честички, азотни оксиди, јаглерод моноксид, сулфур диоксид, јаглерод диоксид, озон, диоксини, фурани и тешки метали.

Според нив, изложеноста на овие загадувачи може да биде поврзана со зголемен ризик од респираторни заболувања, астма, бронхитис, кардиоваскуларни заболувања, мозочен удар, оштетување на нервниот систем, како и одредени видови рак.

„Токму затоа не смееме да дозволиме уште поголемо и посмртоносно загадување и уништување на природните ресурси. Тоа што е за некого економски поисплатливо, за природата и живите организми може да има сериозни последици“, наведуваат од „Зелен хуман град“.

Иницијативата повикува на поголема транспарентност околу проектите за дата-центри и нивното влијание врз животната средина, како и на јавна дебата за можните еколошки последици од обезбедувањето енергија за нивното функционирање.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Швајцарците на референдум ќе одлучуваат дали населението треба да се ограничи на 10 милиони жители

Tea Dimkovska

Украдена биста од гробно место на градските гробишта Бутел

Tea Dimkovska

Претседателката Сиљановска порача: Да се европеизираме преку Копенхашките критериуми, а не преку решавање историски спорови

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе