Вести Свет Топ вести

Иран оптимистичен за склучување на договор со САД со што би се отворил Ормутскиот теснец

Договорот меѓу САД и Иран за ставање крај на војната е во завршна фаза, а според иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, неговото потпишување би можело да се случи во наредните денови. Техеран и Вашингтон, со посредство на Пакистан и Катар, ги усогласуваат последните детали од меморандумот што треба да претставува основа за сеопфатен мировен договор.

„Она што треба да го споменам е дека овие преговори, кои ќе доведат до крај на војната, се одвиваат во две фази. Првата фаза е Меморандум за разбирање потпишан меѓу Иран и Соединетите Американски Држави. После тоа, започнуваат преговорите за втората фаза, а во втората фаза ќе имаме конечен договор“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Процесот е предвиден да се одвива во две етапи. Првата подразбира потпишување Меморандум за разбирање, со кој би се овозможило повторно отворање на Ормутскиот теснец и би започнал процесот на олеснување на дел од економските ограничувања кон Иран. Потоа следува втората фаза, односно 60-дневни преговори за најчувствителните прашања, меѓу кои и иранската нуклеарна програма, како и можните олеснителни санкции.

Од Вашингтон сметаат дека секое економско олеснување за Техеран ќе биде условено од исполнувањето на преземените обврски, односно дека Иран ќе има постепено укинување на санкциите. Според иранските власти евентуалниот договор би можел да придонесе за намалување на регионалните тензии, вклучително и во Либан.

„Затоа, војната ќе заврши на сите фронтови, вклучително и во Либан, и ќе се даде обврска дека нема да бидат иницијатори на никаква војна и дека нема да се користат ниту закани ниту употреба на сила“, додаде Арагчи. 

И покрај примирјето постигнато во април меѓу Вашингтон и Техеран, тензиите не стивнаа целосно, а само оваа недела беа регистрирани две рунди меѓусебни напади. Во меѓувреме, Израел продолжува со воените операции против Хезболах во Либан, конфликт кој и претходно придонесе за повторно заострување на односите меѓу Тел Авив и Техеран. Иако постои зголемен оптимизам кај посредниците и преговарачите, останува неизвесно дали договорените точки ќе добијат конечна политичка поддршка и ќе бидат официјално потврдени од двете страни.

Теа Димковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Над 13 милиони евра заработка од приватно сместување – УЈП наплатила повеќе од милион евра данок

Tea Dimkovska

Законот за правична застапеност на јавна расправа – за аналитичарите подобар од балансерот

Tea Dimkovska

Јакимовски бара да ја добие пресудата, но и одложување на рокот за да се јави во затвор

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе