Вести Македонија Топ вести

Општина Чаир тврди дека базенот бил завршен иако не бил приклучен на струја и на вода

Тоа што не бил приклучен на струја и на вода не значи дека базенот во ОУ „Исмаил Ќемали“ не бил завршен, реагира Општина Чаир, по вчерашното истражување на Центарот за граѓански комуникации, според која базенот 6 месеци бил готов само на хартија. Градежните работи кои се предмет на договорот се целосно реализирани во согласност со предвидената динамика и условите утврдени во договорот, реагира Општината.

Според истражувањето „Јавен надзор над јавните набавки: Студии на случај (Издание број 2.), иако Општина Чаир на 21 ноември 2025 година до Електронскиот систем за јавни набавки доставила известување дека договорот за изградба на затворен базен во О.У. „Исмаил Ќемали“ е 100 % реализиран, објектот беше свечено промовиран пред две недели, односно 6 месеци по известувањето.

Само три дена пред да го прогласат проектот за завршен, на 18 ноември, надзорот констатирал низа забелешки кои треба да се отстранат: пукнато стакло на врата, нивелација на врати, скршени лајсни, корекција на прекинувачи, плочки и прагови, како и да се направи финално тестирање на хидротехнички инсталации и машинска и електро опрема. Пред технички прием, објектот треба да се приклучи на струја и на вода, констатирал надзорот.

Во Центарот за граѓански комуникации велат дека рокот за завршување веќе два пати претходно бил продолжуван, па во ноември го прогласиле за завршен.

  • „Тие во самиот одговор велат базенот е целосно реализиран, а во исто време доставуваат извештај од надзорот во кој се укажува што е тоа што во одреден период од 30 дена треба да го направи изведувачот, а што е тоа што треба да го направи Општината, и произлезе дека Општината сè уште не поставила струја и вода во самиот базен за да може тој да се прогласи за изграден. Ако немало вода и струја, како можел и надзорот и изведувачот да потврдат дека базенот е изграден согласно тендерската документација и согласно склучениот договор, така што одговорот, накусо кажано, од Општина Чаир беше контрадикторен“, вели Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации.

Во Општина Чаир, пак, велат дека проектот е реализиран согласно договорот и законските прописи, обвинувањата се целосно неточни и тенденциозни.

  • „Активностите кои се однесуваат на приклучување на електричната и водоводната мрежа, како и спроведување на одредени тестирања и постапки за ставање на објектот во целосна функција, не претставуваат дел од договорот за јавна набавка за изградба на базенот. Истите се реализираат во соработка и координација со надлежните институции и јавни претпријатија по завршувањето на градежните работи“, реагира Општина Чаир.

Базенот го изгради тетовската фирма Еуровиа, која во меѓувреме го смени името во Еаком. Фирмата влезе во фокусот на јавноста кога како донатор на ДУИ добиваше тендери од минатата влада, но продолжи и по промената на власта.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Страв и надеж“ е најдобра претстава, Димитар Ѓорѓиевски доби награда за најдобра машка улога – доделени наградите на Војдан Чернодрински

Дејан Дејан

Владината делегација два дена во Истанбул ќе ги презентира предносите за инвестирање во земјава

Дејан Дејан

Штипјанецот кој се обидуваше да ја спаси викендицата од пожар има изгореници на нозете и рацете

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе