Поранешниот ракометар на ПСЖ, Адама Кеита, е петтото засилување на Охрид за следната сезона. Францускиот левокрилен ракометар потпиша едногодишен договор, со можност соработката да биде продолжена за уште една сезона. Тој доаѓа од редовите на АЕК Атина, каде што настапуваше во изминатите две години, а претходно дури осум сезони го носеше дресот на ПСЖ.
„Започнува ново поглавје за мене. Горд сум што му се приклучувам на ГРК Охрид и што ја почнувам оваа нова авантура во Македонија. Му благодарам на клубот за довербата што ми ја укажа. Доаѓам со голема желба, амбиција и волја да го дадам максимумот на теренот за боите на клубот. Со нетрпение очекувам да почнам и да се запознаам со нашите навивачи“, изјави Кеита.
Охрид и следната сезона ќе има исклучително силен состав, откако претходно ги ангажираше и Србинот Никола Зечевиќ од Партизан, Унгарецот Доминик Мате, хрватскиот голман Дино Славиќ и македонскиот интернационалец Мартин Карапалевски.
Со ваков ростер, Охрид уште отсега најавува дека и следната сезона ќе биде еден од најсериозните предизвикувачи на домашната сцена.
