Македонската ракометна репрезентација денеска ги почна подготовките за баражот со Словачка за пласман на Светското првенство 2027 година.
Нашиот тим веќе во четврток гостува кај Словаците, додека реваншот е во Скопје на 17-ти мај.
Македонија ја има фаворитската улога во двомечот, но селекторот Кирил Лазаров е претпазлив пред двата натпревари.
„Имаме почит кон репрезентацијата на Словачка. Тим што повеќе години функционира заедно со селектор што доаѓа од земја од која доаѓаат и најдобрите тренери во сите спортови, Шпанија. Имаат изградено добар систем. Немаат поединци, кои би се истакнале, но функционираат добро како тим. Одлично се воиграни. Имаме почитување, нема да биде воопшто лесно, а за тоа сме свесни“, рече Лазаров.
Тој исто така предупреди на случувањата од пред две години и баражот со Фарски Острови, па затоа мора да се одигра максимално фокусирано уште на првиот натпревар.
„Од минатиот бараж за Светското првенство со Фарски острови треба да ја научиме лекцијата. Особено тоа важи за гостинскиот терен, дека секој гол е важен, дека мораме да бидеме максимално одговорни, дисциплинирани, треба да имаме ритам и концентрација во сите 60 минути“, додаде нашиот селектор.
