Во Тетово се одржа протестен марш на ДУИ против одлуката на Уставен суд за укинување на општинската одлука од 2007-ма за преименување на десетина улици.
Протестот дојде по повик на партиска одлука на огранокот на Тетово и лидерот Ахмети пред неколку дена.
Протестантите се собраа на плоштадот по што се упатија кон зградата на Општина Тетово. Немаше јавни обраќања, а беа извикувани пароли: УЧК, Кој го продаде Тетово-Биљал, Српски свет надвор од Тетово. На зградата на Општина Тетово беа залепени називи на улици и оставени транспарентите со кои се протестираше.
По оставање на транспарентите, учесниците мирно се разминаа од пред зградата на Општина Тетово.
Уставниот суд ја укина одлуката за имињата на улиците донесена во 2007 година во времето кога градоначалник на Тетово беше Хазби Лика од ДУИ со образложение дека локалната самоуправа ја донела одлуката без потребната согласност од Владата.
Со тоа е повредено начелото на владеење на правото утврдено во Уставот.
Прекршен е член 5 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти.
