Вести Македонија Топ вести

Се водат разговори за олеснување на ЕЕС системот – Муцунски бара да не се подлегнува на шпекулации

Владата веќе води разговори со држави од Европската Унија (ЕУ) за надминување на проблемот со гужвите на границите поради новиот ЕЕС систем, потврдија денеска и премиерот и министерот за надворешни работи. Шпекулациите од викендов дека Грција го олеснила пристапот за Србите, но не и за Македонците, Муцунски ги нарече „естраден пристап“.

Потсети дека низ македонската граница поминуваат голем број државјани на други земји и не е можно едните да се тргнат во една лента, а сите други да останат и затоа се бара колективно решение. Очекува во летниот период, кога ќе има поголеми гужви, да има олеснување, но во овој момент, вели „ниту една држава нема официјален одговор“.

„Сега можам да потврдам дека имаме разговори и на највисоко ниво и на техничко-административни нивоа, како и дека постои подготвеност од земјите членки на ЕУ да се покаже флексибилност кон регионот. Сето друго што се читаше викендов по медиумите е политичка естрада и треба да се следи со огромна внимателност. Ние, како влада, работиме да го решиме и овој проблем, имаме и други предизвици, но сакам да нагласам дека резултатот не зависи од нас, туку од подготвеноста на земјите членки на ЕУ да покажат таква флексибилност“, изјави Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи.

Премиерот, пак, препорача ако и понатаму продолжат метежите на граничните премини, особено кон Грција, годишниот одмор да се помине во земјава.

И од туристичката комора се надеваат дека ЕЕС системот ќе биде суспендиран за македонските граѓани, иако сè уште немаат одговор од Грција на нивното барање до грчкото Министерство за туризам. Побараа трпение и да не се подлегнува на шпекулации. Велат дека и да остане овој систем, најмногу ќе бидат погодени тие што одат за викенд, а не на годишен одмор. Викендов 40.000-50.000 помалку Македонци отпатувале во Грција од вообичаеното.

„Би замолил за трпение. Сите гледаат да го средат овој хаос што деновиве настана на аеродромите, и Шпанија, и Италија и Португалија, и јас мислам дека целата ситуација ќе се реши позитивно. Но, да не се подлегнува на шпекулации дека некои други граѓани се ослободени. Никој не е ослободен, освен британските туристи кои ѝ носат огромен девизен прилив на Грција, околу 4 милијарди евра, затоа и ги ослободуваат. Јас мислам дека ќе бидеме ослободени во шпиц периодите и македонските граѓани ќе поминуваат без оваа контрола за да се избегнат сите овие гужви“, изјави Аркан Керим, претседател на туристичката комора при ССК.

Со слични очекувања се и Србите. Генералниот конзул на Србија во Солун, Јелена Вујиќ Обрадовиќ, изјави дека, иако не постои официјален документ за суспензија, постојат неформални уверувања и договори за олеснување на примената во периодот на најголем туристички сообраќај. Се очекува системот да се применува флексибилно за српските државјани, особено во часовите со најголем прилив на патници.

Португалија и Италија се следните популарни туристички дестинации за кои се очекува привремено да ги суспендираат новите гранични контроли на ЕУ за да се избегне хаос за време на претстојните училишни распусти.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Доверба му изгласаа 58 пратеници, за смена се изјаснија 19 – Тошковски ја „преживеа“ и третата интерпелација во собранието

Sasko Dimovski

Дали Јанушев крие фирма во Бугарија – СДСМ бара истрага од Антикорупциска, од Владата велат се работи за инсинуации

Дејан Дејан

Финансиската дупка во ПИОМ нова политичка препирка меѓу власта и опозицијата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе