Внатрешнополитички тези и обвинувања за меѓународните релации. Власта и опозицијата продолжија со острата реториката и меѓусебниот судир за односите со Бугарија, евроинтеграциите и блокадата на патот. Премиерот Мицкоски денеска порача дека очекува да се вжешти наративот во односите помеѓу соседите. Но, тоа го припишува на политичарите во земјава, а не на цврстиот став за македонското прашање, на поранешниот претседател Радев кој победи на парламентарните избори во Бугарија.
„Не очекувам воопшто да се промени атмосферата. Напротив. Очекувам истата таа атмосфера да се вжешти, затоа што сѐ уште имаме структури, и политички, но и општествени кај нас дома, коишто се подготвени да коленичат пред бугарските власти и да бидат мекото ткиво на македонската надворешна политика. Сѐ додека има такви политички структури и општествени сили, јас не очекувам промена на односот на нашиот источен сосед. Но, ние како Влада секогаш сме подготвени за билатерални и мултилатерални разговори“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Лидерот на опозицијата возвраќа „премиерот не сака во ЕУ“. Филипче со оценка дека Мицкоски две години ништо не направил и прашува како Владата ќе успее до јуни да ги заврши сите реформи, како што се најавува. Социјалдемократите се навратија на нереализираната заедничка резолуција за националните „црвени линии“, но Филипче вели дека ниту една партија не одговорила на повикот од СДСМ.
„Со уставните измени со коишто ќе се стават Бугарите, Хрватите и други во Уставот, буквално ништо не е загрозено. Лага е на ВМРО-ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски тоа што го кажуваат. Зошто?! – Поради тоа што не сака земјата да оди напред во Европа, не сака вистински реформи. Сака да го контролира судството, да поставува свои партиски судии и обвинители и да ги партизира сите институции. Не сака тука да дојде европско обвинителство и да има независни обвинители, затоа што така ќе треба да одговараат прво луѓето околу него, а потоа и тој самиот“, обвини Венко Филипче, претседател на СДСМ.
И Мицкоски и Филипче со делегациите денеска присуствуваа на панихида во црквата „Свети Спас“, на одбележувањето на 123 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода, Гоце Делчев.
Петар Догов
