Вести Македонија Топ вести

Излегол претпладнево околу 10 часот – екс министерот Чавков на условен отпуст од затворот во Штип

Пуштен е на условен отпуст од штипскиот Затвор поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков. Од Затворот во Штип излегол утринава околу 10 часот, потврди директорот Дејан Здравков. Од скопскиот Кривичен суд за Телма потврдија дека условниот отпуст му е од денеска.

Согласно законот, осуденик на условно може да биде пуштен, откако ќе издржи половина од казната или една третина, но под одредени околности. Од штипскиот Затвор на условно изминатиот период се пуштени поголем дел од осудените за настаните за 27 април во 2017 година. Но, во затворот остануваат уште неколку осуденици кои се поврзани со физичкиот напад на Зијадин Села, кој тогаш беше пратеник.

Чавков првично беше осуден на казна затвор од 18 години за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Но, подоцна на 16-те осудени во овој случај им беше намалена казната од 7 до 16 години. Токму на Чавков му беше изречена највисоката казна од 16 години затвор, поради тоа што тогаш имал „златна команда“ за протестите пред Собранието.

Чавков, но и останатите осудени лица за „27 април“ бараат повторно судење, процесот го оценуваат како „политичка монтировка“. Екс министерот за внатрешни работи во текот на издржување на затворската казна се соочуваше со здравствени проблеми и поради тоа казната му беше прекинувана.

Инаку за настаните на 27 април пред девет години првично беа обвинети 33 лица кои беа обвинети за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок“. Од нив, 15 беа амнестирани со закон во Собранието, додека за едно лице се водеше одвоена постапка.

Премиерот Христијан Мицкоски пред неколку дена изјави дека случајот „27 април“ бил политички монтиран од претходната власт и дека, според него, невини луѓе биле прогласени за терористи.

Викторија Јованова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Доверба му изгласаа 58 пратеници, за смена се изјаснија 19 – Тошковски ја „преживеа“ и третата интерпелација во собранието

Sasko Dimovski

Дали Јанушев крие фирма во Бугарија – СДСМ бара истрага од Антикорупциска, од Владата велат се работи за инсинуации

Дејан Дејан

Финансиската дупка во ПИОМ нова политичка препирка меѓу власта и опозицијата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе