Заврши сезоната за Никола Јокиќ и Денвер, Њујорк ја декласираше Атланта за пласман во следната рунда од плеј-офот во НБА лигата, а Филаделфија избори мајсторка против Бостон.
Минесота, и без тројца клучни играчи во составот, меѓу кои и првата ѕвезда Ентони Едвардс, успеа да го победи Денвер со 110-98 и со вкупни 4-2 да се пласира во втората рунда од плеј-офот на Западната конференција. Џејден Мекданиелс беше најдобар кај Тимбервулфс со 32 поени и 10 скока, а Теренс Шенон Џуниор додаде 24 поени. Кај Нагетс, Никола Јокиќ забележа 28 поени, 10 асистенции и девет скока. Минесота во следната рунда ќе игра против Сан Антонио.
Њујорк ја прегази Атланта на гостински терен со 140-89 за 4-2 во серијата. ОЏи Ануноби беше најефикасен кај Никс со 29 поени, Карл-Ентони Таунс оствари трипл-дабл од 12 поени, 11 скока и 10 асистенции, додека Микал Бриџис постигна 24 поени. Кај Хоукс, Џејлен Џонсон со 21 поен беше најефикасен.
Филаделфија избори седми, решавачки натпревар против Бостон, откако пред своите навивачи победи со 106-93. Тајрис Макси постигна 30 поени за Сиксерс, а Пол Џорџ додаде 23 во триумфот. Кај Селтикс, Џејлен Браун со 18 и Џејсон Тејтум со 17 поени беа најефикасни. Мајсторката ќе се игра во Бостон, а победникот ќе се соочи со Њујорк во полуфиналето на Источната конференција.
