Дојдоа на протест пред Уставниот суд со транспарентни на кои пишуваше „Судот по нарачка- срамот по заслуга“ и „Наредба на власта уметниците одма да поевтинат“. А, во текот на протестот од Синдикатот за култура ја пееја „Девојка од бронза“ од Мизар, со акцент на стихот „разбуди се“ за, како што рекоа, да се разбуди Уставниот суд.
Пораката што му ја испратија е поради стравувањата дека по поведената постапка за оценка на уставноста и законитоста на членови од Колективниот договор за култура и на член од Законот за култура, судот ќе им го укине или поништи Колективниот. Затоа од СКРМ на протестот порачаа, ако падне Колективниот договор за култура, тоа ќе биде политичка одлука и дека по него ќе паднат останатите колективни договори.
„Ако Колективниот договор за култура падне во овој суд, тоа нема да биде изолиран случај. Тоа ќе биде почеток на падот на сите колективни договори. Тука денес се трасира патот: секој колективен договор што обезбедува поголеми права од законските или уредува права што законот не ги разработил, утре може да биде доведен во прашање. И да бидеме јасни: ако Колективниот договор за култура биде укинат или поништен, тоа нема да биде поради правна нужност или законска пречка. Тоа ќе биде политичка одлука“, рече Вера Атанасовска, претседателка на Синдикатот за култура на Македонија.
Политиката не смее да влезе во Уставен, притисоците не смеат да ја заменат правдата. Уставни судии вашата сила и моќ да одлучувате доаѓа од нас граѓаните, рекоа од Синдикатот.
„Сакаме да владееме со нашите права и имаме право на тоа. Сакаме да не ни виси Дамокловиот меч над глава. И слободно, јасно, без притисок и уцени, тие права да ги остваруваме. Нашето право е да го имаме Колективниот договор за култура, онаков каков што е“, рече Зоран Данилов, потпретседател на СКРМ.
СКРМ е дел од ССМ, па поддршка на протестот даде и претседателот Трендафолов. Тој кажа дека укинувањето на Колективниот договор ќе значи ништовност на сите 800 тужби поднесени за пресметките на платите на уметниците и културните работници и дека ако падне договорот, тие ќе останат на минимални плати и ќе бидат принудени да се молат за зголемување.
Под лупа на Уставен на 8 април беа членот 66 од Колективниот договор за култура, што се однесува на пресметките на плати според коефицинетот на сложеност на работните места, членот 53 што се однесува на платеното отсуство од работа за доусовршување на културните работници дома и во странство, членовите 127 и 128 што се однесуваат на склучување на Колективниот договор и негово огласување во „Службен весник“ и членот 78љ од Законот за култура, што остава основачот на установите, ресорното министерство, да ги уреди платите и додатоците на плати во Културата.
Во врска со денешниот протест на СКРМ пред Уставниот суд, од таму испратија соопштение во кое велат дека судот го почитува и го штити правото на јавно изразување и протест, како темелна демократска вредност и дека во конкретниот предмет е поведена постапка врз основа на сомнеж за уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура и на членот 78љ од Законот за култура.
Станува збор за втора фаза во која се оценува нивната уставност и законитост, а конечната одлука за оспорените акти не е сѐ уште донесена, велат од Уставен. Објаснуваат дека судот ја оценува усогласеноста на прописите со Уставот, а предмет на разгледување, како што велат, не е работата, значењето или придонесот на уметниците и културните работници, ниту пак нивниот статус или примања. Уставно-судската контрола се однесува на актот, а не на културните работници, дополнуваат од Уставниот суд.
Сотир Трајков
